Англискиот шампион сезонава подготвува нова сензација што ќе ја надгради на ланскиот триумф во Премиерлигата. „Лисиците“ синоќа пред своите гледачи со 2-0 ја совладаа Севилја и го надоместија поразот од првиот натпревар со 2-1 за да се пласираат помеѓу најдобрите осум екипи на стариот континент. Капитенот Вес Морган и Марк Олбрајтон беа стрелци на погодоците на Лестер.

Гостите од Шпанија останаа и со играч помалку откако Самир Насри заработи втор жолт картон и беше исклучен.

Севилја доби шанса од пенал да се избори барем за продолженија откако во 78-та минута голманот Каспер Шмајхел го фаулираше Витоло во својот шеснаесетник. Сепак, голманот на „лисиците“ се поправи и го одбрани ударот од 11 метри на Стивен Нзонзи и со тоа го одведе својот тим во слендата рунда од ЛШ.

Јувентус со двојна победа го елиминира Порто. Во Торино синоќа „Старата дама“ славеше со минимални 1-0 благодарение на голот од пенал на Пауло Дибала во 42-та минута. Макси Переира играше со рака во својот шеснаесетник по шутот на Гонзало Игуаин, па поради тоа доби и директен црвен картон, бидејќи спречи сигурен погодок.

Последните двајца четвртфиналисти ќе бидат познати вечерва откако ќе се одиграат реванш натпреварите помеѓу Атлетико Мадрид и Баер Леверкузен (2-4) и Монако – Манчестер сити (3-5).



Автор: Администратор
Објавено на: 15/03/2017 14:12