Вчера и денеска во Скопје се одржаа поголем број презентации и стручни расправи за постигнување поголема ефикасност во транспортот, коишто се организраа во рамки на европскиот проект CREATE – „Намалување на сообраќајниот метеж во Европа – постигнување на транспортна ефикасност“ (Congestion Reduction in Europe – Achieving Transport Efficiency“).
Во овие стручни дебати и презентации учествуваа Клеменс Каволи, експерт за урбан транспорт од универзитетскиот колеџ во Лондон и координатор на проектот, Дејвид Бул, експерт за урбан транспорт со долгогодишно искуство, професори од поголем број факултети, како и претставници на администрацијата на Градот Скопје, Mинистерството за внатрешни работи, Институтот за планирање, урбанизам и сообраќај – ИН Пума и Агенцијата за планирање на просторот на Република Македонија.
Проектот CREATE е истражувачки проект финансиран од Европската комисија со програмата за истражување и иновации „Хоризонт 2020“ и истиот е еден од првите проекти што се занимава со задачата за справување со урбаниот сообраќаен метеж на патиштата, особено во градовите со брз пораст на употребата на автомобилите.
Главната цел на овој проект е намалување на сообраќајниот метеж во европските градови преку поттикнување на промената на транспортните навики, од патувањата со автомобил на патувања со одржливи видови транспорт како што се користење на јавен транспорт, велосипед и пешачење.
Проектот CREATE треба да им помогне на градовите учесници во создавањето одржлив транспортен систем. Ова ќе се постигне преку размена на искуства и преземање добри практики помеѓу градовите учесници во овој проект, пред се помеѓу градови коишто се карактеризираат со рапиден пораст на употребата на автомобилите од една и градовите коишто вршат релокација на просторот за автомобили на јавниот транспорт и промоција на патувања со пешачење и возење велосипед од друга страна.