Трета година по ред Македонија ќе биде дел од глобалниот настан „Плати со поезија“ што го организира „Јулиус Мајнл“ во 36 држави и во над 1400 кафетерии низ светот, по повод Светскиот ден на поезијата 21 Март. Оваа година настанот ќе биде на девет локации, а покрај во Скопје, ќе се прошири и во Велес.
– Целта на „Плати со поезија“ е да го поттикне поетскиот дух кај сите, кога секоја година на ист датум се подарува уникатна можност испиеното кафе или чај да се плати со поезија – извор и валута на најуникатните човекови емоции. Светскиот ден на поезијата е посветен на оние кои го исполнуваат светот со страст преку пишаниот збор. Секој стих секогаш е различен и неповторлив, а со себе носи автентична таинственост како печат на авторот кој го напишал, соопшти организаторот.
Во настанот годинава се вклучени скопските кафетерии Нола бар, Наргиле кафе, Ревија, Дион, Backyard, Juice bar, Венето, Баду бар и Чао кафе во Велес.
Главни поддржувачи на овој настан се познати автори кои и годинава ќе трагаат по најкреативните неоткриени поети кои своето кафе или чај ќе го платат со напишани стихови. / МИА.