Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, заедно со директорката на Агенцијата за вработување на Град Скопје, Слободанка Алексовска, ја посетија компанијата за печатење и графички услуги „Просолушн“, која е еден успешен пример во Општина Аеродром за вработување со поддршка на Владата на Република Македонија.
Имено, преку кредитирање и финансиска поддршка на правни субјекти оваа компанија вработи 10 лица преку Агенцијата за вработување и на тој начин автоматски згрижи 10 семејства и го поттикна развојот на економијата.
Радува фактот што ова не е единствен пример на успешна приказна за вработување.
„Паралелно со мерките на Владата за намалување на невработеноста, Општина Аеродром работи на создавање капацитети за отворање нови работни места“, изјави градоначалникот Коневски. Тој посочи дека такви се изградбата на ТЦ „Капитол“, СЦ „Јане Сандански“, хотелот „Русија“, кои продуцираа 500 нови работни места, а наскоро се очекува отворање на уште 50-тина вработувања со изградбата на Тенискиот центар покрај Вардар, како и уште вработувања со завршувањето на изградбата на хотелот „Хилтон“.
Најзначаен е фактот што преку своите програми Владата мошне успешно и константно врши намалување на невработеноста, што мора да се признае, е еден од најголемите, ако не и најголем проблем, не само во Општина Аеродром, туку и во целата држава.
Според последните статистички податоци, за 10 години невработеноста во Општина Аеродром е преполовена, благодарение токму на кредитирањето и финансиската поддршка што се дел од широката стратегија за намалување на бројот на невработени лица. Поконкретно кажано, во Општина Аеродром на крајот на 2016 година имаше 4.035 невработени лица, односно лица кои активно или пасивно бараат работа, за разлика од 2006 година кога имаше 7.601 невработен. Тоа значи дека за 10 години невработеноста во Општина Аеродром е намалена за цели 47 проценти!
Исто така, пред две години во Општина Аеродром беше отворена дисперзирана канцеларија на Центарот за вработување на Град Скопје, со цел да се доближат услугите на Агенцијата за вработување до невработените лица и работодавачите. Локацијата на оваа Канцеларија се наоѓа во населбата Јане Сандански зад некогашниот Мекдоналдс.
Општина Аеродром, исто така, ја промовира Агенцијата и нивните активни мерки за вработување на својот веб- портал за поддршка на бизнисот во Општина Аеродром.