Потребно е активирање на нафтоводот Солун-Скопје, како и покренување акција за ставање и функционално разработување на Коридорот 10 и Солунското пристаниште за снабдување на Македонија со нафтени деривати и стоки, констатираа денеска учесниците на тркалезна маса на тема: „Сигурност во снабдувањето со стоки и нафтени деривати – можности и алтернативи“ во организација на Стопанската комора на Македонија.
Компаниите и надлежните државни институции денеска ги разгледуваа сите расположливите решенија во процесот на сигурно снабдување со стоки кои се неопходни за тековните потреби на стопанството, посебно во услови на позачестени блокади кои предизвикуваат застои и нефункционалност во превозот на стоки во патниот и во железничкиот сообраќај кон Република Грција.
Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија порача дека треба да се покрене акција за ставање и функционално разработување на Коридорот 10 и Солунското пристаниште затоа што, како што рече, сите алтернативи што досега се понудени на компаниите не вродија со плод и дека тоа е резултат на објективни околности што постојат во инфраструктурата и во самиот прифат на бродовите во пристаништата во околните држави.
– Тука сме да отвориме прашање од кое што можеби зависи во наредните 10 години во најголем дел развојот на македонската економија затоа што структурата на македонската економија е таква што во најголем дел ние сме свртени кон тоа пристаниште и природно е така – низ тој Коридор и затоа е многу значајно. Кога се мисли за најдобри соодветни решенија за надминување на овие проблеми треба да се гледа многу пошироко, истакна Азески.
Тој заклучи дека друга алтернатива освен Коридорот 10 и Солунското пристаниште засега Стопанската комора на Македонија не гледа и според Азески треба да се работи во правец на тоа Коридорот 10 и тоа пристаниште да станат функционални за да им се помогне на македонските компании и на македонската економија.
Јанис Героуланос, главен извршен директор на „ОКТА“ АД – Скопје информира дека околу 80 отсто од целото гориво во Македонија доаѓа од југот, преку Коридорот 10 и најчесто преку камиони.
-Тоа значи дека секој ден доаѓаат камиони со по 25 тони гориво и се движат по овој Коридор за да стигнат до крајната дестинација. И токму затоа е важно снабдувањето од јужниот дел. Има низа предности што ОКТА како компанија ги има од овој пазарен удел, имаме голема рафинерија, понатаму добра инсталација, тоа е и предност, меѓутоа тоа не е клучната причина зошто имаме толкав пазарен удел, реле Героуланос.
Потенцира дека во последните 12 месеци не било лесно да се работи во земјава, и дека имале логистичка криза.
-Прво, ја имавме бегалската криза – бегалците кои ги блокираа патиштата. Понатаму, имавме ескалација на грчката страна, понатаму имавме протести на грчките земјоделци и тоа уште го блокира преминот Богородица. Мораме да земеме предвид дека имавме и недоволно пристап до железнички транспорт што би можело во оваа ситуација да биде алтернатива, истакна Героуланос.
Тој очекува новата влада во Македонија да го реши проблемот со лиценцата на „Ватекс“ со што, според него во иднина нема да има никакви проблеми со снабдувањето на нафтени деривати.
Претседател на Здружението на енергетиката Ристо Јаневски во својата презентација понуди неколку сценарија како да се пренесе потребната неделна количина на нафта во Македонија. Првото, според него, е со авто цистерни и железница која би била функционална пет дена во неделата. Потоа само авто цистерни и сценарио во кое би бил активиран продуктоводот и авто цистерни. Јаневски рече дека во сите сценарија се сведува на авто цистерните, но според него навтоводот како алтернатива со неговиот капацитет може да ја покрие целата потреба на дизел за 33 часа додека со автоцистерните за тоа е потребно една недела.
Иван Петровски, претседател на Македонската транспортна асоцијација рече дека Коридорот 10 на кој почетна и крајна дестинација е пристаништето во Солун и пристапот до тоа пристаниште за Македонија е најидеална. Непостоењето на конкурентно пристаниште во близина според Петровски го поставува солунското во монополска позиција. Првите пристаништа кои можат да примаат конвенционални и контејнерски бродови се Кавала и Волос кои се со дополнителни 140 километри од Солун. Како други алтернативни пристаништа во регионот Петровски ги посочи Бургас на 650 километри и Драч на 300 километри. Тој информираше дека на простаништето во Солун од вкупно изработените 3 милиони и 322 илјади тони роба во 2016 година, за Македонија биле 885 илјади тони односно 27 проценти. Во однос на транспортот, Петровски рече дека 80 проценти е во корист на камионскиот додека 20 отсто е на железничкиот.
На тркалезната маса присуствуваа компании од енергетскиот, транспортниот, металниот и металуршкиот сектор како и претставници од надлежните државни институции.