Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека се срами поради настаните од март 2004 година, додавајќи дека тие биле непотребни и дека го посрамиле Косово.
– Тогаш, во 2004 година, се случи тоа што најмалку требаше да се случи во Косово. Се случи нешто што доведе до тоа Косово да биде посрамено. Се случи загрозување на цркавата, палење на неколку од нив, запалени беа и неколку куќи. Затоа, мене лично, доколку ме прашате, и тогаш и денес, ми е срам поради овие акции, рече Тачи.
Во текот на разговор со претставници на српските медиуми во Чаглавица, Тачи истакна дека мартовското насилство од 2004 година го спровеле поединци и дека за тоа тие ќе бидат казнети.
– Кој и да го стори тоа, ќе биде казнет. Кај Албанците нема традиција да ги загрозуваат културно-историските споменици, да го загрозуваат имотот, да палат куќи, да загрозуваат деца, жени и повозрасни лица. Таквите дела секогаш ќе бидат казнувани. Навистина не сакам никогаш повеќе тоа да се повтори, рече Тачи.
Тој, како што јави РТК., вети дека институциите ќе работат на тоа таквото насилство никогаш повеќе да не се случи.
На денешен ден се навршуваат 13 години од мартовските насилства врз Србите на Косово, кога вооружени Албанци протераа нешто повеќе од 4.000 Срби од нивните домови и запалија над 30 верски објекти.
Во бранот насилство на Косово тогаш се убиени 19 лица, од кои осум Срби, додека 11 Албанци настрадаа во пресметките со припадниците на меѓународните сили за безбедност.
Повредени беа најмалку 170 Срби, како и десетина припадници на меѓународните сили, кои се судирија со локалните Албанци, штитејќи ги Србите и нивниот имот.
Урнати беа околу 800 српски куќи и запалени 35 верски објекти, вклучувајќи 18 споменици на културата, меѓу кои и црквата „Богородица Љевишка“ во Призрен.
Меѓународните обвинители и судии на Косово процесуираа седум случаи на уништување на цркви и 67 лица осудија на затвортски казни од 21 месец до 16 години.
Повод или изговор на прогнот беше кампањата на албанските медиуми, во која локалните Срби се обвинети дека со кучиња истерале преку реката Ибар група албански момчиња од селото Чабар кај Зубин Поток, од кои едно се удавило во реката.
Истрагата на полицијата на УНМИК подоцна утврди дека овие обвиненија се лажни. / МИА.