Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Унгарија, оствари средба со претседателот на Унгарија г. Јанош Адер.

Македонскиот претседател на прес-конференцијата со неговиот унгарски колега г. Адер, во Будимпешта, искажа јавна благодарност до Унгарија која покрена иницијатива со барање до Советот на ЕУ да се отфрли и осуди тиранската платформа

На средбата претседателот Иванов и претседателот Адер разговараа за политичката состојба во Република Македонија, како и за можните излези од оваа криза која земјата со години ја држи во заложништво.

Македонскиот претседател, му укажа на неговиот унгарски колега на тоа што досега тој има преземено како претседател на Република Македонија и она што му го овозможува Уставот на Република Македонија.

Во контекст на тоа додаде дека за разлика од уставите на другите држави, нашиот Устав е недоречен и имаме голема уставна празнина за вакви состојби кога не може во првиот обид да се избере влада.

„Особено се усложнува состојбата што сега имаме влијание од друга држава во внатрешните работи во Македонија со изготвување платформа, која е постизборна и која опфаќа прашања што ние сметаме дека досега се затворени со Охридскиот рамковен договор и со Уставот", истакна македонскиот претседател.

Иако, како што рече претседателот Иванов, очекувавме досега да биде осудена и отфрлена таа платформа на туѓа држава која отвора прашања во Македонија досега тоа не е случај и се плашиме дека ова може да биде преседан кој ќе го користат други дражави да вршат притисок, како што се случува во последно време и во некои други земји.

Претседателот Иванов одговарајќи на новинарско прашање посочи дека ургентно е потребно конститутивната седница на Собранието на Република Македонија да биде завршена, да се избере претседател и да можат активностите кои ги имаме како држава, нормално да се спроведуваат.

Во контекст на тоа порача дека мнозинството треба да се откаже од тиранската платформа за да може да го добие мандатот за да се формира влада која ќе почне да се справи со сите овие предизвици. „Има правни пречки кои би се совладале, доколку заврши конститутивната седница, и има политичка пречка, а тоа е да се отфрли и осуди платформата од Тирана", рече македонскиот претседател.

Унгарскиот претседател г. Адер, пак, рече дека не е во негова наделжност да одговори на прашањето во врска со решавањето на политичката криза во Македонија, туку тоа е надлежност на македонскиот Уставен суд.

Тој додаде дека од разговорот заклучил оти македонскиот претседател се стреми за изнаоѓање решение во согласност со неговата заклетва како претседател на Република Македонија и со одредбите на македонскиот Устав и дека само едно такво решение би било прифатливо.

Двајцата претседатели на средбата разменија мислења и за состојбите во регионот, односите меѓу двете земји, како и за унапредување на соработката во повеќе области меѓу Македонија и Унгарија.

„Досегашната поддршка, пријателството и солидарноста помеѓу Унгарија и Македонија треба да биде пример како една земја членка на ЕУ треба да се однесува со земја која е кандидат за член во Унијата", рече претседателот Иванов.

Унгарскиот претседател истакна дека скоро 10 години на Македонија и се нудат позитивни, но лажни забелешки и ветувања во поглед на евроинтеграцијата. „По лажните и празни ветувања сега е дојдено времето за започнување вистински преговори помеѓу ЕУ и РМ, рече претседателот Адер.

Унгарија, како што посочи, е една од државите кои на Македонија и дадоа безрезервна поддршка и помош за справување со илегалната миграција.

На средбата стана збор и за најавите за втор мигранстки бран и за продолжување на соработката во насока на разрешување со сите предизвици кои можат да се случат во овој период кога се чувствува раздвиженост не само од Блискиот Исток, туку и од Африка кон Европа.

Претседателот Иванов рече дека очекува ЕУ и НАТО внимателно да ја разгледаат реалноста со која се соочува Македонија и нашиот регион и во овие тешки моменти да испратат силна порака за нашата европска и евроатлантска перспектива, а не да ја блокираат Македонија и оваа статус кво состојба со евроинтеграциите во Македонија да предизвикува огромна фрустрираност кај нашето население.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/03/2017 20:41