Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија е примена како полноправна членка во Европската конфедерација на синдикати и во Меѓународната конфедерација на синдикати.

За претседателот на КСС Благоја Ралковски, полноправното членство во овие меѓународни организации е признание за правецот и стандардите што ги спроведува КСС.

Како значајни успеси реализирани во изминатиот период, Ралковски ги спомена потпишувањето на Општиот колективен договор за јавниот сектор, донесувањето на Законот за мирно решавање на споровите, како и на Законот за минимална плата, за кој бараат поинаков начин на пресметување според европски стандарди.

– Баравме друг начин на моделирање на минималната плата. Да се земат европски стандарди со кои ќе бидат задоволни како работниците, така и работодавачите. Пред да се донесе Законот за минимална плата, 65 илјади работници во Македонија земаа од 50 до 60 евра плата. Мислам дека е голем успех донесувањето на законот затоа што нивните примања во овој момент се скоро двојно зголемени. Не мислиме дека се доволни за примателите на минимална плата, но мислиме дека е голем успех и појдовна точка за да се разговара за зголемување на минималната плата, изјави Ралковски пред почетокот на денешната свечена седница организирана по повод приемот на КСС во Европската конфедерација на синдикати и во Меѓународната конфедерација на синдикати.

За министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, социјалниот дијалог во изминатиот период бележи значителен прогрес, но она на што треба да се работи во следниот период е негово зајакнување со цел унапредување на работничките права и на обврските и правата на работодавачите

– Како предизвици и цели за во иднина, остануваат натамошното зајакнување на капацитетите на Економско-социјалниот совет и активното вклучување на релевантните социјални партнери во процесот на креирање и имплементација на стратешките политики на Владата на Република Македонија, а со самото тоа и континуираниот развој и унапредување на трипартитниот социјален дијалог во Република Македонија, нагласи министерот Ибрахими.

Конфедерацијата на слободни синдикати од своето постоење до денес брои над 65 илјади членови.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2017 15:32