Google го промени начинот на кој што позадинските табови трошат ресурси на компјутерот, а тоа ќе се одрази и на подолго траење на батеријата на преносните компјутери.

Chrome на Google за многумина е омилен интернет прелистувач, но една од неговите најголеми маани е што троши преголема количина на RAM меморија, а тоа влијае и на побрзо празнење на батеријата на паметните компјутери.

Притоа, најголемиот проблем го претставуваат позадинските табови, односно бројните табови кои што често корисниците ги отвораат и не ги користат, а тие трошат големи ресурси во позадина.

Според инжинерот од Google, Александер Тимин, позадинските табови се одговорни дури за една третина од потрошувачката на енергијата, па затоа едноставно мораше да биде нешто превземено.

Во најновата верзија на Chrome, Google го промени начинот на кој што позадинските табови ги трошат ресурсите на компјутерот, а притоа да не се намалат перформансите. Chrome сега ќе ги препознава позадинските табови кои што трошат премногу енергија и ќе го ограничи просечното оптоварување на процесорот, при што тоа ограничување нема да влијае на позадинските табови кои што се активни (на пример ако на позадинскиот таб имате отворено YouTube и слушате музика).

Новиот механизам на Google овозможува ограничување на табовите кои што користат премногу процесорска сила и сето тоа ќе резултира со намалување на оптоварувањето на процесорот и потрошувачката на енергија, односно потрошувачката на батеријата на преносните компјутери.

Освен наведеното подобрување, новата верзија на Chrome ќе донесе и некои безбедносни подобрувања, односно ќе бидат отстранети досегашните безбедносни пропусти. Инаку, конечната цел на Google е целосно да ги суспендира позадинските табови и сето тоа да резултира со помало оптоварување на процесорот и подолго траење на батеријата на преносниот компјутер.

Извор: Точка



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2017 21:41