Американската компанија „Епл“ го претстави својот нов „Ајпад“ таблет и „Ајфон“ во црвена боја, јави весникот „Ју-Ес-Еј Тудеј”.

Таблетот има камера од осум мегапиксели, екран од 25 сантиметри, процесор А9 и батерија со трајност до 10 часа. Ќе биде достапен на пазарот од 24 март.

Црвената боја на новата серија „Ајфони“ е идеја на Меѓународниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.

– Откако започнавме да работиме со Фондот пред десет години, нашите клиенти имаат значително влијание во борбата против СИДА-та, преку порачката на нашите производи, од оригиналниот „Ајпод нано“ до денешната линија „Битс“ и разните додатоци, изјави извршниот директор на „Епл“, Тим Кук.

Технолошкиот лидер претстави и нова опција – „Клипс“, со која ќе може да се комбинираат видеа, музика и слики и таквата монтажа да се објави на социјалните мрежи.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2017 21:44