Германскиот фудбалер Лукаш Подолски на совршен начин ја заврши репрезентативната кариера – со еврогол во неговиот последен натпревар.

Германците во пријателската средба ја совладаа Англија со минимален резултат (1-0), а стрелец на единствениот погодок беше Подолски во 69-тата минута.

Тој го прифати повратното додавање од Ширле и од повеќе од 20 метри ја испрати топката во горниот десен агол на голот којшто го бранеше Џо Харт.

Тоа беше 49-ти погодок на напаѓачот за националниот тим на 130 натпревари, со што е заокружена фантастичната кариера на Подолски – со „панцирите“ ја освои светската титула во 2014 година, беше вицешампион на Европското првенство во 2008 година, а со Баерн во 2007/08 дојде до двојната круна.

„Елфот“ по 13-ти пат триумфираше против Англија, а единствено во тоа повеќе пати успеваа Шкотите и Велшаните. Во останатите пријателски натпревари синоќа, Кипар го победи Казахстан со 3-1, Шкотска и Канада ремизираа 1-1, додека Чешка беше убедлива против Литванија (3-0).



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2017 17:00