УЕФА ги потврди промените во системот на пополнување на европското клупско натпреварување, коишто стапуваат на сила од сезоната 2018/19. Според нив, практично се затвора вратата за клубовите од помалку реномираните земји.
Клубовите од четирите најсилни лиги, Премиер лигата, Ла Лигата, Бундеслигата и Серија А ќе имаат по четири тима и сите ќе играат директно во Лигата на шампионите. Промената е дека Италијанците ќе го добијат местото коешто го изгубија пред неколку години.
Директен пласман во групната фаза ќе обезбедат уште по две првопласирани екипи од Франција и од Русија, како и шампионите на Португалија, Турција, Белгија и Украина, додека во квалификациите ќе играат вицешампионите на овие земји, како и третопласираните екипи од Лига 1 и од руската Премиер лига.
Бидејќи уште од самиот старт веќе се пополнети 24 места, остануваат уште осум коишто ќе се добијат низ квалификациите, па јасно е дека Лигата на шампионите полека станува затворено натпреварување, како Евролигата во кошарка, каде што пласман сè потешко ќе имаат клубовите надвор од кругот на оние одбраните.