Бугарските гласачи во недела по трет пат во изминатите четири години ќе гласаат за избор на нов состав на Народното собрание, но анкетите укажуваат дека изборните резултати најверојатно дополнително ќе ја продлабочат политичката нестабилност на земјата.
На овие предвремени парламентарни избори, на кои учествуваат 21 листа на партии и коалиции ќе се води крајно неизвесна борба меѓу конзервативната партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на донеодамнешниот премиер Борко Борисов и опозициската коалиција предводена од Бугарската социјалистичка партија (БСП) на Корнелија Нинова.
Последните анкети на јавното мислење укажуваат дека ГЕРБ може да се надева на меѓу 26,6 и 31,7 отсто од гласовите, додека коалицијата на БСП ужива поддршка на меѓу 26,5 и 29,1 проценти од бугарските гласачи.
Покрај овие две листи, места во Парламентот се очекува со сигурност да обезбедат и националистичката коалиција Обединети патриоти (ОП), која ужива меѓу 8,9 и 12,3 отсто доверба, партијата на бугарските Турци, Движење за права и слободи (ДПС) со поддршка меѓу 8,4 и 11,1 проценти и новоформираната партија Волја, за која би гласале меѓу 6,8 и 9,6 отсто од избирачите.
Во идниот состав на Народното собрание шанси да освојат пратенички места имаат и конзервативната коалиција Реформски блок (РБ), социјалдемократската партија Алтернатива за бугарска преродба (АБВ) и блокот „Да, Бугарија“.
Аналитичарите во Софија проценуваат дека идниот бугарски премиер треба да се бара меѓу докажаниот европеец Борисов и Нинова, која важи за блиска до Москва.
Борисов, кој е поранешен телохранител, пожарникар, полицаец и градоначалник на Софија, ветува забрзан економски раст и борба против корупцијата, доколку граѓаните му доверат трет мандат, иако и самиот често се соочува за обвинувања за корумпираност и врски со организираниот криминал.
Нинова, од друга страна, најавува дека Бугарија ќе го искористи своето право на вето во ЕУ доколку Брисел се обиде да воведе дополнителни санкции кон Москва, кои, според социјалистите, им нанесуваат огромни штети на бугарската економија.
Во услови на очекуваните тесни резултати меѓу двете водечки партии, како клучен играч во формирањето на новата влада може да се наметне коалицијата Обединети патриоти, што ја сочинуваат неколку националистички и евроскептични партии, кои во изборната кампања изнесуваа антимигрантска реторика и најавуваа мерки за спречување на влезот на илегални мигранти во земјата.
Проблемот со мигрантите во Бугарија дојде до израз по затворањето на т.н. балканска бегалска рута, по што оваа земја стана главна влезна точка за мигрантите кои од Турција сакаат да заминат во некоја од западноевропските земји.
Покрај либералната ДПС, која традиционално досега беше трета политичка сила во бугарското Собрание, во новиот парламентарен состав важна улога би можела да има и десничарската партија Волја на бизнисменот и сопственик на фармацевтска компанија, Веселин Марешки, кој ланските претседателски избори освои 11,2 отсто од гласовите.
Токму овие избори беа и причина за распуштање на петходниот состав на Парламентот и оддржување предвремени парламентарни избори. На ланските петседателски избори победи независниот кандидат поддржан од БСП, Румен Радев, благодарение на поддршката на дел од партиите од тогашната владина коалиција.
По поразот на кандидатот на неговата партија ГЕРБ, Цецка Цачева на претседателските избори, премиерот Борисов поднесе оставка со образложение дека повеќе е невозможно опстојување на дотогашната владина коалиција.
Откако во уставно предвидената постапка за три обиди за формирање нова влада ниту една партија не успеа да обезбеди ново парламентарно мнозинство, кон крајот на јануари претседателот Радев го распушти Народното собрание и распиша предвремени парламентарни избори.