Фудбалерите на Бразил убедливо ја победија селекцијата на Уругвај со 4-1 во Монтевидео, во натпреварот од јужноамериканските квалификации за Светското првенство 2018 година.
Во дуелот меѓу првиот и вториот на таблата, поведе Уругвај со голот на Единсон Кавани, но гостите со трите гола на Паулињо и едниот на Нејмар направија пресврт на резултатот и ја бетонираа челната позиција со седум бодови повеќе од Уругвајците.
За разлика од Бразил, големиот ривал Аргентина тешко дојде до трите бода против Чиле, дури со погодокот од пенал на Лионел Меси.
Аргентинците по четирите кикса, врзаа втор триумф во низа, но далеку од тоа дека се сигурни на патот кон Мундијалот во Русија бидејќи се само на два бода од Чиле, кој е на местото за елиминација.
Слично како и Аргентина, со тешка мака славеше и Колумбија на нејзин терен против Боливија, со погодокот на Џејмс Родригес во финишот, и тоа откако од одбивањето по пеналот, топката ја испрати во мрежата.
Во преостанатите два натпревари, Парагвај со триумфот над Еквадор од 2-1 ја искомплицира ситуацијата на врвот и се врати во трка, додека Венецуела и Перу ремизираа 2-2.
Резултати и стрелци на 13-тото коло:
Колумбија – Боливија 1-0 (Родригес 83)
Парагвај – Еквадор 2-1 (Валдес 12, Алонсо 65 – Касеидо 70п)
Уругвај – Бразил 1-4 (Кавани 8 – Паулињо 18, 51, 90, Нејмар 74)
Аргентина – Чиле 1-0 (Меси 16п)
Венецуела – Перу 2-2 (Вилјануева 24, Отеро 40 – Карилјо 46, Гереро 64)
Табела: Бразил 30 бодови, Уругвај 23, Аргентина 22, Колумбија 21, Еквадор 20, Чиле 20, Парагвај 18, Перу 15, Боливија 7, Венецуела 6.