Најдобрата репрезентација на Македонија во Вадуз славеше со убедливи 0:3 над Лихтенштајн, во натпревар од петото коло од квалификациите за Светското Првенство кое во 2018 година ќе се одржи во Русија.Погодија Николов и два пати Несторовски.
Македонија тргна офанзивно и првата закана дојде уште во 6-тата минута кога Пандев и Спировски убаво проиграа во противничкиот казнен простор, а силниот шут на нашиот капитен го одбрани домашниот голман Јехле. Во 25-тата минута во шанса се најде Спировски, но биеше непрецизно покрај голот.
Нашите репрезентативци продолжија да вршат притисок креирајќи шанси за погодок, а наградата дојде на две минути пред паузата кога после една подолга акција, Тричковски асистираше, а Николов со убав волеј погоди за водство од 0:1.
На почетокот на вториот дел се закани Ибраими, но неговиот силен шут заврши во надворешниот дел на мрежата откако правецот на топката беше сменет од еден домашен играч. Во 58-та минута Велковски спречи една контра на домашните, а откако си создаде простор биеше силно, но неговиот шут беше блокиран. Неколку минути подоцна се обиде Несторовски со глава, но сигурен беше голманот Јехле. Како поминуваа минутите притисокот на Македонија растеше и беше прашање на време кога ќе падне вториот гол. Се играше 68-та минута кога капитенот Пандев прекрасно асистираше за Несторовски, кој со максимално прецизен удар со глава ја удвои предноста на 0:2.
Домашните се обидоа да се отворат, но оставија многу простор во одбрана, а тоа го искористија нашите репрезентативци кои во 73-тата минута преку Несторовски погодија за 0:3. Во 89-тата минута Несторовски беше фаулиран во 16-те метри и доби пенал, а се покажа непишаното правило да не шутира играчот над кој е направен пеналот. Нестовски биеше на средината на голот, а лесно одбрани Јехле. Сепак на крајот бодовите отидоа на наше конто, за прва победа во овие квалификации.