Седумнаестгодишниот Мајлс Соломан се јавил во американската Национална аеронаутичка и вселенска администрација (НАСА) за да укаже на „грешка“ во сопствените бази на податоци кои се собираат на Меѓународната вселенска станица (МВС), јави Би-Би-Си.

Овој ученик од училиштето „Таптон“ во англиксиот град Шефилд, работел на проект заедно со своите наставници, кој се состоел од анализа на податоците од Меѓународната вселенска станица. Целта била да се најдат шаблони или аномалии кои би довеле до нови откритија.

Соломан ги прегледал податоците поврзани со количеството на радијација на Меѓународната вселенска станица, а вниманието му го привлекло бројот „-1”.

– Разговаравме за податоците, а Соломан одеднаш праша: како е можно да постои енергија со вредност минус 1?, изјави наставникот Џејмс О’Нил.

Тоа што момчето го забележало е погрешен податок бидејќи енергијата не може да биде негативна, односно не може да доаѓа во количество искажана со негативен број. Поради забележаниот проблем Соломан и О’Нил ја контактирале НАСА, која потоа се заблагодарила на укажаната грешка во податоците.

Имено, НАСА била свесна за проблемот со негативните броеви кои се појавувале кога детекторите не ја отчитувале радијацијата, но агенцијата сметала дека грешката се јавува еднаш или два пати годишно.

Англискиот ученик забележал дека грешката се јавува неколку пати дневно.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2017 11:26