Маурицио Сари, тренерот на Наполи, е избран за најдобар тренер на италијанската Серија А.
Тој ги победи Масимилијано Алегри, тренерот на Јувентус, и Еузебио ди Франческо, шефот на стручниот штаб на Сасуоло.
Наградата Златна клупа се доделува на најдобриот тренер за претходната сезона, а го избираат неговите колеги.
Педесет и осумгодишниот тренер доби 25 од 61 глас, три повеќе од Алегри, кој беше добитник минатата година. Ди Франческо доби седум гласа.
На Сари ова му е втора награда за најдобар тренер, бидејќи претходно за сезоната 2013/14, кога го тренираше Емполи, беше прогласен за најдобар во Серија Б. Тој тогаш со Емполи го зазеде второто место и избори директен пласман во најсилниот ранг на италијанскиот фудбал.
„Кога ќе добијам награда, тоа не ми причинува некое задоволство, често го сметам за одземено време од работата. Но овој пат, оваа награда ми дава ентузијазам и среќа. Мислам дека тоа е така поради тоа што е одлука на моите колеги“, изјави Сари.
Сари е прв тренер во историјата на Наполи кој ја добил оваа награда, а воедно ја прекина и серијата од четири последователни години во текот на кои Јувентус ја добива оваа награда.
Наполи минатата година се пласира на второто место во Серија А, веднаш зад Јувентус, а тоа му беше прва година на Сари на клупата на клубот од неговиот роден град.
Клаудио Раниери, поранешниот тренер на Лестер, прими посебна награда на церемонијата во Фиренца.
Раниери минатата сезона го предводеше Лестер до титулата во англиската Премиер лига, но е отпуштен девет месеци подоцна поради лошите резултати во новата сезона.