Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, членовите на Советот на Град Скопје Слободанка Алексовска, Драги Давчевски и Ќемал Муслиу остварија средба со делегација од збратимениот град Нанчанг, Народна Република Кина.
Делегацијата од Нанчанг ја предводи од Хуа Чинг (Hua Qing), заменик градоначалник на Нанчанг, а истата беше составена од претставници од локалната и од регионалната власт од областа на меѓународната соработка, индустријата и информатичките технологии.
Градоначалникот Трајановски на гостите им пожели добредојде и изрази надеж дека истите ќе имаат убав престој во Скопје. Тој потенцираше дека Скопје и Нанчанг имаат богата историја на успешна соработка во многу области и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина.
На средбата беше разговарано за соработката помеѓу двата града, која е добра, како и за повеќе форми за продлабочување на истата. Како области во кои може да се подобри соработката на средбата беа издвоени економијата, туризмот, информатичката технологија и фармацевтската индустрија.
Скопје и Нанчанг се збратимени од 1985 година, во кои постои продлабочена соработка, пред се во областа на културата. Минативе две години во Скопје гостуваа културни ансамбли од Нанчанг каде со посебен настап се одбележа Кинеската Нова година.
Минатава 2016 година, делегација од Градот Скопје, составена со претставници на повеќе сектори од администрацијата и Советот на Град Скопје, беа во повеќедневна посета на Нанчанг.
Нанчанг е главен град на провинцијата Јиангчи (Jiangxi) во југоисточниот дел на Кина и има популација од повеќе од 5 милиони жители. Нанчанг е еден од најголемите центри на автомобилската индустрија во Народна Република Кина, како и центар за производство на традиционални кинески медикаменти. Во изминативе години истиот прераснува во центар на информатичка и други видови на „висока технологија“.