Фудбалската репрезентација на Македонија ја победи Белорусија со убедлив резултат од 3-0 и за прв пат по четири години оствари две победи по ред.

Македонските репрезентативци ја победија селекцијата на Белорусија со убедливи 3-0 во пријателскиот натпревар синоќа во Скопје и за прв пат од 2013 година врза две победи во низа.

Натпреварот почна внимателно, а првата шанса за гол ја имаше Белорусија со обидот на Радионов, но Димитриевски го одбрани неговиот удар. Потоа Несторовски имаше добра шанса за погодок, но топката ја погоди пречката. Првиот гол го постигна Спировски во 40-тата минута од средбата, кој со еден удар од далечина ја затресе мрежата на Белорусите.

Нашите репрезентативци офанзивно го почнаа и второто полувреме, Пандев одлично се проби и силно ја удри топката, но таа заврши во голманот Гутор. Но, не помина долго време кога Пандев постигна погодок. Во 61-вата минута, по асистенцијата на Алиоски, капитенот на македонската селекција со глава даде гол за водство од 2-0 за Македонија.

Само по осум минути од средба, Горан Пандев повторно беше стрелец, откако му асистираше Тричковски. Капитенот на нашите репрезентативци одигра одличен натпревар со два постигнати гола и неколку прецизни проигрувања.

Во финишот на натпреварот во игра влезе Дарко Чурлинов, кој со 16 години и осум месеци стана најмлад играч кој дебитирал за македонската сениорска репрезентација.

Само што влезе Чурлинов, веднаш имаше шанса во неговото деби да постигне погодок, но неговиот удар заврши за малку крај голот на Белорусија.

На крајот, нашите репрезентативци заслужено се радуваа на втората победа во низа за Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2017 11:08