Жерар Пике, фудбалерот на Барселона, повторно го критикуваше најголемиот конкурент Реал Мадрид.
Дефанзивниот играч изјави дека смета дека мадриѓаните имаат посебен третман кај судиите.
„Се зборува за судењето на натпреварот меѓу Барселона и ПСЖ. А јас вас ве прашувам, кога судиите ја фаворизирале Барселона? Вие мислите дека тоа се случува во Лигата на шампионите? Јас мислев на Примера лигата. Таму и онака се фаворизира само тимот во белите дресови. Кога ги победивме парижаните со 6-1 и направивме голем пресврт за четврт-финалето, повеќе се зборуваше за арбитрите отколку за нашето враќање. А кога Реал Мадрид мината година во Милано стана шампион на Европа, на натпреварот на којшто Серхио Рамос даде гол од пенал, тогаш никому ништо“, изјави фудбалерот на Барселона.
Пике, како некој кој отворено ја поддржува сепарацијата на Каталонија од Шпанија, не можеше, а да не ги допре работите кои ги преминуваат спортските граници.
„Тоа што не ми се допаѓа кај Реал е централната ложа на ‘Сантијаго Бернабеу’. Не ми се допаѓа кога во неа ќе видам одредени лица коишто ги обвинија Меси и Нејмар за затајување данок. Нив двајца ги обвинуваат, а Кристијано Роналдо не. Сите знаеме што се случува во ложата на стадионот во Мадрид.
Отсекогаш било така“, додаде Пике, алудирајќи на Марта Силва, државниот обвинител на Шпанија, која е редовен гостин на натпреварите на кралскиот клуб.
Фудбалерот на Барселона изјави дека не му се допаѓаат вредностите кои ги претставува Реал Мадрид.
„Сите играчи на Реал ги почитувам и некои од нив ги сметам за пријатели, но како клуб... Што да кажам за тој клуб? Не ми се допаѓаат вредностите кои ги претставува Реал и какви теми промовира во поддршката на водењето на државата Шпанија. Државниот обвинител ги обвини Меси и Нејмар, не Реал. Знаеме како оди сето тоа. Така се чувствувам и така ви кажувам. Нема да се расправам околу тоа прашање“, изјави Пике.