Губењето на косата не го загрозува човечкиот живот, ниту неговите витални функции, но човечкиот род е мошне заинтересиран за изгледот, обемот и за квалитетот на косата. Косата отсекогаш имала симболично значење: кај жените претставувала симбол на женственост, кај мажите традиционална асоцијација на мажественост.

Губењето на косата кај многу мажи е тежок удар за нивната личност, а за жените е еднакво на катастрофа, особено во некои социокултурни средини. Затоа и не зачудува фактот дека косата била објект и култ на почитување уште од најстарите времиња. Првите анатомски податоци за косата датираат од пред 4.000 години. Уште од таа епоха ќелавоста била проблем што загрижувал и поттикнувал на верски обреди за да се истера лошиот дух. Ваквите религиозни обреди продолжуваат кај старите Грци, кај Римјаните и не го поштедуваат средниот век до ренесансата. Почнувајќи од ренесансата, интересот за проблемот со опаѓањето на косата е во постојан подем.

Денес косата го загуби своето мистично и религиозно значење, но затоа зазема многу значајно место во психата на човекот. Стравот дека може да се загуби косата често е извор на вистински неврози. Загрозените постојано се наоѓаат притеснети помеѓу оскудните или слабо разбирливите информации и различните медицински и немедицински написи за спречување на ќелавоста. Проблемот се комплицира уште повеќе поради фактот што современата медицинска наука до денес не располага со средства за ефикасно лекување на најчестите видови алопеции кај човекот.

Во последниве децении сме сведоци на многу брзиот развој на сите гранки на медицината. Меѓутоа зачудува малиот интерес за проучување на косата и покрај тоа што постојат голем број загатки. Во последниве години дојде до силен развој на трихологијата, како посебна дерматолошка дисциплина. Со воведување нови методи во испитувањето на структурата и на функцијата на влакното се постигнати многубројни резултати што овозможуваат подобро да се разберат разни појави како во нормалната така и во патолошки променетата коса.

Опаѓањето на косата е чест проблем во секојдневната лекарска практика. Андрогенетската алопеција или обичната ќелавост е најчеста форма на дифузно опаѓање на косата, индуцирана од андрогена стимулација на влакнените фоликули, кои се генетички предиспонирани за ваков одговор. Се јавува кај двата пола на возраст помеѓу 17 и 25 години. Кај жените поретко се сретнува и е со полесна клиничка слика. Кај жените обично почнува помеѓу 25-та и 30-та година од животот, со засилено прогредирање (напредување) кон средината на четвртата деценија. Жените со андрогенетска алопеција обично имаат, како придружна појава, засилена влакнатост над горната усна и на екстремитетите. Ендокринолошко-гинеколошките наоди обично се нормални.

Кај мажите клиничката слика е многу карактеристична, се препознава како прогресивно проретчување на косата. Опаѓањето на косата почнува главно во третата декада од животот и е посилно изразено доколку почне порано и постои фамилијарна историја за опаѓање на косата. Дијагнозата се поставува врз основа на фамилијарната анамнеза, клиничката слика и наодот на трихограмот и најновата метод на трихоскен-дијагностика. Трихоскен-дијагностиката е неагресивен метод на компјутерско броење на корените на влакната во избрана регија. Прогнозата кај алопециа андрогенетица (обична ќелавост), како кај мажите така и кај жените, за жал е се уште лоша. Терапијата во повеќе случаи се покажала како неефикасна, а болеста го следи генетички детерминираниот (одредениот) курс.

Психичките аспекти се многу значајни, затоа што губењето на косата кај многу мажи може да влијае врз нивната психа. Кога почнува да се развива ќелавоста, често се повлекуваат во себе, избегнуваат друштво и страдаат од комплекс на пониска вредност. За среќа, оваа психичка потиштеност не е трајна, лицето се навикнува на ќелавоста и подоцна не му прави особен впечаток. Затоа целосна смисла има изреката „не е тешко да бидеш ќелав, меѓутоа ужасно е тешко да ќелавиш”.

Кај жените ваквото губење коса е неприфатливо, крајно вознемирувачки и многу силно психички ги оптоварува, без разлика дали се на 30- или на 60-годишна возраст.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/03/2017 19:46