Идната недела ќе почне изградба на автоматски систем за наводнување во паркот „Нирнберг“ во Ново Лисиче и во двата паркови меѓу зградите зад ТЦ „Скопјанка“ во населбата Острово, така што претстојново лето тие ќе добијат автоматски систем за наводнување.

Имено, во паркот кај игралиштето „Нирнберг“ покрај булеварот „Видое Смилевски – Бато“ во Ново Лисиче, системот за наводнување на 15.000 квадратни метри ќе содржи над 200 прскалки, кои ќе се вклучуваат автоматски во одредени временски интервали и на тој начин зелените тревни површини константно ќе ги одржуваат свежи. Важно е да се напомене дека системот за наводнување ќе се напојува со бунарска вода и на тој начин ќе се заштеди водата за пиење.

Ист ваков автоматски систем за наводнување ќе биде изграден и во двата паркови меѓу зградите зад ТЦ „Скопјанка“, кој ќе покрива вкупно 13.000 квадратни метри зелена површина со 230 прскалки.

Со изградбата на овие системи за наводнување Општина Аеродром, всушност, продолжува да ја шири автоматската мрежа за наводнување, која веќе ја има воспоставено во повеќе зелени паркови, меѓу кои Паркот со авион, Паркот на езерата, Паркот на светлината, паркот „Бановина“, Паркот „13 Ноември“, Паркот „Јане Сандански“ и Паркот „Тоше Проески“.

Во меѓувреме, во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“ во паркот „Нирнберг“ почна садење на 80 дрвца од видовите гинко, платан, јасен, софора, сорбус и липа, со што ќе се збогати и флората во овој дел на Општина Аеродром.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/03/2017 20:31