Белите влакна честопати се сметаат за знак на стареење. А сосема побелената коса обично се смета за обележје на старите луѓе. Точно, колку сме постари, толку повеќе бели влакна имаме. Меѓутоа, освен стареењето, познато е дека причина за побелувањето на косата се и некои други фактори, како што е престрогото држење диети. Побелувањето се јавува независно од полот или природната боја на косата на поединецот, иако можеби е позабележително кај оние што имаат потемна коса.

Поради тоа што имаат бели влакна, некои можеби изгледаат постари отколку што се и се чувствуваат непријатно поради тоа. Од друга страна, пак, има и луѓе кои, бидејќи косата не им побелува, се загрижени заради нерамнотежата помеѓу нивниот изглед и возраста.

Побелувањето не значи дека косата умира. Всушност, видливиот дел на сите влакна веќе е мртов. Секое влакно продолжува под површината на кожата. Овој крај е наречен главче и тој е единствениот жив дел. Главчето функционира како фабрика за коса. Кога се формира влакно со брза делба на клетките во главчето, тоа го апсорбира меланинот, што го создаваат пигментните клетки. Затоа, ако пигментните клетки престанат да произведуваат меланин, косата ќе биде бела.

Сѐ уште никој не знае зошто пигментните клетки одеднаш престануваат да создаваат меланин. Затоа не е пронајден некој конкретен третман за да се спречи побелувањето на косата. Исто така, познато е дека пигментните клетки што престанале да работат можат повторно да проработат.

Некои се обидуваат со понови третмани, како што се инјекциите со меланин. Други избираат да ја фарбаат косата, но тоа воопшто не е некоја модерна практика.

Сепак, за постојано фарбање на косата потребно е време и напор, а освен тоа, кај некои фарбањето може да предизвика кожни проблеми или алергиски реакции. Дури и ако одлучите да ја фарбате косата што побелува, можеби ќе дојде време кога ќе сакате да престанете, а тогаш несомнено ќе мора да се соочите со фазата кога се гледа различната боја на косата додека таа расте. Позитивно во сето тоа е што побелената коса може да изгледа елегантна и да Ви даде достоинство што не сте го имале претходно.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2017 02:30