„Македонија како земја, Охридската пастрмка не може да ја брендира како пастрмка од Македонија, туку само како пастрмка од Охридското езеро, бидејки езерото го делиме со Албанија. Охридската пастрмка е препознатлива во научната јавност, а туристите имаат можност да ја видат подготвена во ресторан или во инсталациите на Хидро-биолошкоот институт во Охрид", вели Зоран Спиркоски кој работи во оваа научна институција.
Последните години се прават напори преку вештачки мрест во мрестилиштето на Хидро-биолошкиот завод да се поврати овој ендемичен вид на риба во Охридското езеро. Во тек е периодот на улов на риба од езерото наменет за вештачки мрест. Од оваа институција очекуваат да соберат 2,5 милиони зрна икра кои понатаму ќе се одгледуваат во тамошното мрестилиште до септември, кога ќе бидат пуштени во Охридското Езеро.
Специјалитетите од Охридската пастрмка се најбарани во рестораните во Охрид и Струга. Охридската пастрмка се конзумира на различни начини. Познати се неколку специјалитети од овој вид на риба како што се Охридска пастрмка на Пештански начин, Охридска пастрмка на скара, Тресена пастрмка, Охридска пастрмка со бадеми. Од еден ресторан во Струга ни го објаснија начинот на приготвување на Охридската пастрмка. Велат дека Охридска пастрмка најмногу ја конзумираат странските туристи кои го посетуваат регионот.
„Има различни начини на приготвување на Охридската пастрмка како што се печена пастрмка и тресена пастрмка. За добро приготвена пастрмка потребни се многу зачини, да биде добро исчистена и се декорирана со лимон или портокал. За печење на рибата се потребни 15 минути.Тресена пастрмка се приготвува на тој начин што откако ќе се исчисти, целосно се пече. Во меѓувреме се приготвува ориз и праз со сите зачини, кои се ставаат во чинија. Како подлога и над нив се става месото од рибата“, изјави еден од готвачите во струшките ресторани.
Познати се и чорбите со икри од Охридска пастрмка или белвица, кои исто така се наоѓаат на менијата речиси на сите угостителски објекти во Струга и Охрид. Инаку цената на Охридската пастрмка достигнува и до 1.000 денари по килограм, додека на белвицата до 400 денари. / Охрид АА.