Агенцијата за храна и ветеринарство ги доби резултатите од извршените лабораториски испитувања на земените мостри од храна и брисевите од работни површини од кујната на објектот каде се подготвувала храна за потребите на фабриката Леар од Тетово и од мензата каде истата се послужувала, по минатонеделниот случај на труење со храна на 120 лица.

Со испитувањата на земените мостри утврдено е присуство на бактеријата стафилокока ауреус, во макароните кои биле послужени за вечера, а констатирано е присуство на истата бактерија и кај куварот и лицето кое ја послужувало храната, како и во дел од брисевите земени од работните површини во кујната каде храната се подготвувала.

Објектите за подготовка и за послужување на храната ( кујната и мензата) се затворени, од страна на инспекциските служби наредени се мерки за отстранување на констатираните недоследности со вонредната контрола која ја спроведоа тимови на Агенцијата за храна и ветеринарство, санитарната инспекција и од Центарот за јавно здравје во присуство на Јавен обвинител.

Поднесена е прекршочна пријава против операторот со храна, а најверојатно ќе биде поднесена и кривична пријава.

Објектите за подготовка и за послужување на храна ќе бидат повторно отворени по спроведувањето на наредените мерки и по извршените повторни лабораториски испитувања на земени мостри од брисевите од работните површини, со кои ќе се потврди безбедноста. Операторот со храна задолжително ќе мора да се регистрира, бидејќи со контролите е констатирано дека ниту тој ниту мензата каде храната се послужувала не се евидентирани во Агенцијата за храна и ветеринарство, а лицата кои ќе бидат ангажирани во подготовката и послужувањето на храна ќе мора да бидат здрави, имаат валидни здравствени книшки и помината обука за работа со храна. Задолжителна мерка која ќе мора да се спроведе пред да се почне со работа во кујната и мензата е и вршењето на дезинсекција, дератизација и дезинфекција.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2017 18:35