Андрес Иниеста, легендарниот играч на Барселона, изјави дека верува дека неговиот тим може да дојде до третиот последователен трофеј во Ла Лига.

Барселона моментно е второпласиран тим во Примера лигата, со натпревар повеќе и два бода помалку од првопласираниот Реал Мадрид. По победата над Севилја со 3-0, Иниеста изјави дека Каталонците се надеваат на нов пехар, нетрпеливо чекајќи го дуелот против кралскиот клуб, кој е закажан за 23-ти април.

„Ние изгубивме од Депортиво, Реал ремизираше со Лас Палмас, и тука се направи разликата. Ако сакаме да ја освоиме Лигата, мораме да ги победиме на нивен терен, на ’Сантијаго Бернабеу’“, изјави Иниеста.

Легендарниот Шпанец се мачеше со повредите оваа сезона, но изјави дека веќе не го загрижува тоа.

„Беше малку необично оваа сезона, но лошите моменти се зад нас. Се надевам дека и во останатите натпревари ќе играме како против Севилја. И понатаму сме конкурентни во сите натпреварувања и можеме да оствариме многу, но можеме да останеме и со празни раце“, додаде Иниеста.

Пред дуелот со големиот ривал, Барселона на 11-ти април го очекува првиот натпревар од четврт-финалето на Лигата на шампионите, во којшто игра против Јувентус.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/04/2017 09:57