Актуелниот шампион на Германија потенцијално се соочува со голем проблем, најдобриот стрелец на екипата го напуштил утринскиот тренинг поради повреда.
Стручниот штаб на Баерн од Минхен би можело да има огромен проблем пред најважните натпревари овој месец бидејќи потенцијално се соочува со отсуство на Роберт Левандовски.
Полскиот интернационалец се повредил на утринскиот тренинг и со болна гримаса на лицето веднаш го напуштил теренот држејќи се за задниот дел на бутниот мускул на десната нога.
Карло Анчелоти на утринскиот тренинг направил две екипи од по седум играчи, а Роберт Левандовски се пожалил на повреда 40 минути по почетокот на играта на скратениот терен, пренесува „Билд“.
Најдобриот стрелец на Баерн од Минхен веднаш се упатил кон соблекувалната, а се очекува медицинскиот персонал да ја заврши неговата работа и да му соопшти на стручниот штаб колку е сериозна повредата.
Доколку Роберт Левандовски не би можел да ѝ помогне на екипата во саботниот дуел со Борусија од Дортмунд, тоа ќе биде голем малер, но повеќе загрижува евентуално дали ќе отсуствува од првиот натпревар во четврт-финалето на Лигата на шампионите, кој на програмата е наредната среда. Полјакот во досегашниот тек на сезоната во трите натпреварувања постигна вкупно 36 погодоци за баварскиот клуб.