Во интервјуто за ХТВ, претседателот Иванов, говори и за лидерот на СДСМ Зоран Заев, одговарајќи на прашањето која е причината за постапките на Заев.
- Заев е пред се многу исплашен. Преплашен. Затоа што очигледно не го испорачал тоа што се очекувало од него. Влегол во туѓа игра во која што не може сега да излезе. Тој сега прави грешки. Кога е човек исплашен прави грешки. Тие негови грешки сега го внесуваат во многу потешка состојба од онаа кога почна сево ова. Кога сакаше преку снимки, кои како што вели тој, ги добил од странски служби, да ја сруши легално избраната Влада на Република Македонија, изјави претседателот на Република Македонија.
Во интервјуто за ХТВ, Иванов посочува дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, 67-те потписи ги добил под уцена од албанските партии да прифати платформа која како што нагласи тој, е донесена во Кабинет на премиер на туѓа држава.
- Доколку јас дадам мандат на некој што прифатил платформа на туѓа држава, согласно нашиот Кривичен закон, членот 308, ја рушам независноста на државата. Во членот 308 изричито стои: тој што би ја довел државата во подредена состојба и зависност на друга државност се казнува до пет години, вели македонскиот претседател.
Според претседфателот Иванов, ниту Уставот, ниту неговата совест, ниту свечената заклетва која ја дал како Претседател на Република Македонија, не му дозволуваат да го даде мандатот на Зоран Заев и да си дозволи да ја доведе Македонија во подредена состојба и зависност од друга држава.
- Мојата заклетва се разликува од другите јавни функции и таму стои дека јас морам совесно и чесно да ја обавувам функцијата Претседател на Република Македонија. Да ги почитувам Уставот, законите, но и територијалниот интегритет, сувереноста и независноста на државата, вели претседателот Иванов во интервјуто за ХТВ.
На прашањето кој е конструктивен партнер од албанскиот блок со кој може да се разговара за излез од политичката криза, претседателот Иванов порачува:
- Сите албански политичари кои поаѓаат од интересите на Република Македонија се конструктивни соговорници и секој што поаѓа од интересите на граѓаните што живеат во Македонија. За се има решение ако се разговара, ако има дијалог. Ако вие немате дијалог, како ќе дојдете до решение. За се треба да се разговара, па и за сите прашања што тие сега ги отвораат со платформата. За се треба да се разговара, но да се знаат кои се интересите на државата, вели македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервјуто за хрватската национална телевизија ХТВ.
- Никој не посакува војна, или пак конфликт. Затоа што нема семејство во Македонија кое не страдало од двете балкански војни, светските војни, студената војна, конфликтот во 2001 година. Затоа и протестите што сега се случуваат се толку мирни и достоинствени, што никој не спомнува било каква состојба на конфликт, додава Иванов.
На прашањето како ги коментира одредени написи за редефинирање на Балканот по пат на вооружен конфликт, како и заканите по опстојувањето на македонската држава, претседателот Иванов оценува дека таквите географски мапи се проекција на желби, а не на реалност.
- Ништо ново од тоа. Во кризни моменти, пак се враќаат старите приказни, стари мапи и стари карти за да ве заплашуваат. Македонија опстојувала и кога немала своја држава. Сега кога имаме своја држава настојуваме да си ја сочуваме својата сопствена држава. Затоа, грижата за државата и државниот интерес се приоритет при секоја одлука која се носи од моја страна, изјави претседателот Иванов во интервјуто за хрватската национална телевизија ХТВ.