Дарко Панчев е новиот спортски директор на Вардар. Легендата на клубот денеска на прес конференција оддржана во Фудбалската Академија на ФК Вардар, беше промовиран во раководните структури.
Претседателот на Вардар г-н Мирко Спасески и извршниот директор г-н Самоил Симев, го промовираа Панчев за нов спортски директор.
„Не треба да се трошат зборови кој е Дарко Панчев и што претставува тој за Вардар и воопшто за македонскиот фудбал. Мене ми е драго и особена чест што ќе го имаме Панчев во клубот. Се надевам дека Вардар ќе има уште повеќе успеси во иднина и ќе освои уште многу титули, Куп трофеи и ќе има добри настапи на меѓународна сцена. Би сакал да му посакам среќа на Панчев и уште еднаш да ја истакнам мојата чест што една легенда како него ќе биде дел од Вардар“, изјави Спасески.
Извршниот директор на клубот г-н Самоил Симев на презентацијата на Панчев го истакна своето задоволство пто Дарко Панчев се враќа во својот дом.
„Му претставува задоволство да го претставам новиот спортски директор на клубот, гордоста на Вардар г-нот Дарко Панчев. Тој се враќа во својот дом, во клубот во кој ја почна својата фудбалска кариера во Македонија, преку првиот тим се до звездените успеси како фудбалер и круната на кариерата со освојувањето на Златната Копачка. Позицијата спортски директор остана празна по заминувањето на Гоце Седлоски како шеф на стручниот штаб. Со доаѓањето на Дарко се пополнува таа празнина во клупската структура и дополнително се зајакнува кадровиот капацитет во менаџментот. Убеден сум дека искуството и светската репутација, енергијата и ентузијазмот кои ги поседува Дарко ќе придонесат во остварувае на зацртаните цели на клубот. Фудбалските операции во клубот од сега ќе бидат водени од новиот спортски директор. Фудбалскиот клуб Вардар е проект на долг рок, сите во клубот работиме напорно за врвен спортски резултат. Обезбедени ни се сите услови клубот да напредува. Тимот кој досега менаџираше заедно со тренерскиот и играчкиот кадар засилени со новиот спортски директор, имаме должност и одговорност пред нашите навивачи, целокупната јавност и нашиот сопственик г-нот Сергеј Самсоненко. Вардар е симбол на Скопје и гордност на Македонија. Треба да ги цениме вредностите кои ги негува брендот во моментов. Доаѓањето на Дарко Панчев е дополнителен мотив и повик за целокупната јавност за обединување кон нашата гордост - фудбалскиот клуб Вардар“, истакна Симев на денешната прес конференција.