Трговскиот суд во Загреб денеска на предлог на хрватската Влада го именуваше Анте Рамљак за принуден управник на концернот „Агрокор“.

Судот воедно започна постапка за принудна управа над „Агрокор“ и воведе забрана за покренување судски, извршни и управни постапки против концернот и против 24-те компании кои се дел од него, меѓу кои од поголемите се и „Конзум“, „Ледо“, „Јамница“, „Звијезда“ и „Тисак“.

Рамљак е именуван за принуден управник врз основа на т.н. „Лекс Агрокор“, односно Законот за постапка за принудна управа во трговските друштва од системско значење за државата, што Саборот го усвои во четвртокот по итна постапка.

По именувањето на новата должност, Рамљак изјави дека е свесен оти го очекува тешка и важна работа за спас на „Агрокор“.

– Пред нас е битка за „Агрокор“, битка за работниците на „Ахрокор“, за добавувачите и за доверителите. Тоа е битка со цел да не дозволиме проблемите да се прелеат на целата хрватска економија и поширо во регионот, изјави Рамљак на заедничка прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Пленковиќ од своја страна рече дека приоритет во овој момент е да се обезбеди ликвидност на „Агрокор“ и на вработените да им се исплатат плати до Велигден.

Рамљак до сега беше партнер во консултантската куќа „Тексо Менаџмент“. Од 2012 до 2014 година беше советник на тогашниот хрватски вице-премиер Радомир Чачиќ и член на Управниот одбор на Центарот за следење на енергетскиот сектор и инвестициите, а од 2007 до 2011 и партнер во инвестицискиот фонд „Квестус“. Од 1997 до 2007 година бил претседател на Управниот одбор на хрватската подружница на инвестициската компанија ЦАИБ, а пред тоа работел во една брокерска фирма.

Рамљак е именуван за принуден управник на „Агрокор“, откако во петкот досегашната управа на концернот, предводена од сопственикот Ивица Тодориќ поднесе барање до Трговскиот суд за активирање на законот „Лекс Агрокор“.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2017 19:47