Навивачите на Барселона во страв исчекуваат како Ла Лига ќе го казни Нејмар поради црвениот картон, кој Бразилецот го заработи на натпреварот против Малага.
Можно е Бразилецот да го пропушти Ел Класико, кое се игра за две седмици.
Барселона во саботата изгуби од Малага со 0-2 и не успеа да го искористи ремито на првопласираниот Реал Мадрид и да му се доближи на табелата. Реал во градското дерби со Атлетико одигра нерешено 1-1, но остана прв со три бода повеќе од Барселона. Реал има и натпревар помалку.
Во 65-тата минута од натпреварот, Каталонците останаа со играч помалку, бидејќи втор жолт картон доби Нејмар, по остриот прекршок над Диего Љоренте.
Луис Енрике, тренерот на Барселона, беше лут поради тоа што судијата досуди слободен удар, а не пенал кога во шеснаесетникот беше соборен Серхи Роберто.
„Толкувањето на тој жолт картон беше посебно. А имаше остри стартувања од страна на играчите на Малага коишто заслужија картон, но не добија, а Нејмар доби картон поради тоа што ги врзуваше врвките!?“, изјави Енрике.
Тој изјави дека дури нема што да им забележи на неговите играчи, иако испуштија многу важни бодови.
„Добро игравме, немам причини да им забележувам на своите играчи, но тоа нè чинеше бодови. А им дозволивме дури и да постигнат голови поради нашата интерпретација на правилата на офсајд. Во второто полувреме бевме посупериорни и со играч помалку. Им создадовме големи шанси, но не успеавме да постигнеме погодок, а потоа тие ни дадоа втор. Тоа не беше сценариото кое го очекувавме, заслуживме многу повеќе“, додаде тренерот на Барселона.
Шпанските медиуми пишуваат дека судиските грешки го обележале натпреварот и се согласуваат дека Нејмар неоправдано заработил втор жолт картон. Исто така, локалните медиуми посебно нагласуваат дека судиите не досудиле очигледен пенал во 78-та минута.
Андрес Иниеста, капитенот на фудбалерите на Барселона, изјави дека нема смисла да ги обвинува судиите за поразот од Малага во првенството и дека неговата екипа мора да се сврти кон претстојниот натпревар против Јувентус во четврт-финалето на Лигата на шампионите.
Иниеста изјави дека не треба да се обвинуваат судиите.
„Ова е штета, пропуштивме добра шанса да се искачиме на табелата. Се надевам дека веќе нема да имаме вакви пропусти, но сега првенството е многу потешко. Тоа го покажува табелата. Добро одигравме, но понекогаш работите не одат како што сакате. Малага ги искористи шансите“, изјави Иниеста за шпанскиот „Спорт“.
„Јас сум еден од оние којшто мисли дека приказната за судиите никаде не води. Не е лесно да донесувате одлуки на теренот“, додаде Иниеста.
Барселона утре, на 11-ти април, од 20.45 часот ќе игра во Торино против Јувентус, во првиот натпревар од четврт-финалето на Лигата на шампионите.
„Мораме да се свртиме кон наредниот натпревар и да мислиме само на Јувентус“, изјави Шпанецот.