На крајниот југозападен дел од Полошката котлина на само 7 километри од Гостивар и околу 80-тина минути возење од Скопје, во подножјето на прекрасната Шар Планина е расплослано селото Вруток, село каде чистата вода и рибата се дел од секојдневната исхрана на населението.

Името на селото Вруток значи врело, извор (силен карстен извор), додека самото име потекнува од карсниот извор Вруток на најдолгата река во Република Македонија – реката Вардар. Самиот извор е еден од поголемите извори во државата со издашност од 1,5 м3 вода во секунда.

Водата од изворот е толку ладна што не може долго време да се држи во рака а истата повеќенаменски се користува за водоснабдување на градот Гостивар и за наводнување на обработливото земјиште. Самото подножје на Шар Планина каде се наоѓа селото е богато со обработливо земјиште, густи листопадни шуми и високо квалитетна питка вода за пиење директно од самиот извор. Поради поволните релјефни, хидролошки и климатско-вегетациски карактеристики и добриот патен пристап, придонесува с. Вруток да биде се позначајна туристичка атракција. Самиот извор се наоѓа на 683 м.н.в. додека селото се простира и до 755 метри надморска височина.

Поволната географска положба на селото и добрата патна поврзаност со градот Гостивар и магистралниот пат М-4 (Европскиот пат Е-65) овозможува лесен пристап до селото за туристичка рекреација. Во минатото селото било познато по своите чешми од кои населението се снабдувало со чиста вода. Високо квалитетната вода која се добива директно од изворот Вруток овозможило денес во селото да има неколку рибници каде се одгледуваат познатите „Калифорниски пастрмки“ но и далеку прочуената златна пастрмка каде за првпат во светот е создадена токму во селото Вруток. Самата селска населба има огромен потенцијал за еко туризам. Рибарството е во подем иако селото не се наоѓа на морско или езерско крајбрежје. Во неколкуте рибници годишно се одгледуваат околу 100 до 200 тони риба поточно калифорниска и златна пастрмка, додека првиот рибник во селото бил изграден во 1963-та година. Самата пастрмка се приготвува на два начини и тоа: отворен начин со извадени коски и затворен начин.

Природните услови и одгледувањето на риба овозможило во Вруток да има повеќе угостителски објекти кои секоја година привлекуваат се повеќе посетители како од нашата земја така и од соседните балкански држави. На самиот влез во селото ве пречекуваат рибните ресторанти „Бигор“ и „Кај Симе“, додека во внатрешноста на живописното село се наоѓаат ресторантите „Панорама“, „Пронто“ и „Три Бурими“ каде се приготвуваат различни вкусни македонски специјалитети на традиционален начин, пита под сач, јагнешко печење, готвени домашни јадења но и свежа приготвена пастрмка. Според локалното население, секојдневната побарувачка на риба од страна на посетителите, и нејзина продажба низ околните градови, селото го надминува и најпознатото туристичко место во државата – градот Охрид.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2017 07:03