Градот Скопје оваа година ќе издвои 10 милиони денари за субвенционирање на граѓаните на Скопје за купување нови велосипеди.

Како што информираше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на утрешната седница на Советот на Град Скопје на дневен ред ќе се најде одлуката со која се предвидува субвенции до 4.000 денари за набавка на велосипед, со што со оваа мерка се очекува да се доделат субвенции за најмалку 2.500 велосипеди.

- На утрешната седница на Советот на Град Скопје предложив проект со кој Градот Скопје ќе додели субвенции на граѓаните за купување велосипед, како една од директните мерки за унапредување на велосипедскиот сообраќај во градот, за да ги поттикнеме граѓаните во што поголем број да користат велосипед како транспортно средство. Градот Скопје изминативе години работи интензивно на подобрување на условите за користење на велосипедот во Скопје, преку реализацијата на проектот за унапредување на велосипедската инфраструктура во Скопје „Скопје Велоград 2017“. Со реализацијата на овој капитален проект, ние создаваме услови за користење на велосипедот во Скопје и сметаме дека се создадени доволно услови за доделување субвенции за набавка на велосипеди – кажа градоначалникот Трајановски.

Трајановски изјави дека Градот Скопје интензивно работи на развивање на концептот на град со одржлив транспорт, преку кампањите за користење јавен превоз, набавка на нови еколошки автобуси за јавниот градски транспорт, изградба велосипедската инфраструктура и на ролерско-велосипедски патеки по целата должина на кејот на реката Вардар, системот за изнајмување велосипеди и др. Тој потенцираше дека овој проект се реализира во соработка со здруженијата на граѓани и неформалните групи на корисници на велосипеди, чии сугестии и предлози се составен дел од сите проекти поврзани со користењето на велосипедот во Скопје.

Со проектот СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017 во градот ќе се оформат четири главни велосипедски рути кои ќе се протегаат во насока исток – запад и 7 конектори кои ќе се протегаат во насока север – југ, со вкупна должина од 51 километар. Досега, целосно е изградена Рутата 1, а велосипедистите можат непречено да се движат по новоизградените и реконструирани велосипедски патеки коишто ја поврзаа Гази Баба преку центарот на градот со Карпош. Во завршна фаза е изградбата и реконструкцијата на велосипедските патеки од Рутата 2 со што ќе се поврзе општина Аеродром, преку општините Центар и Карпош, до општина Ѓорче Петров. Патеките од преостанатите рути се во фаза на проектирање, по што ќе следува нивна изведба.

Досега целосно се изградени и реконструирани велосипедски патеки во должина од околу 18 километри, а изградени се и ролерско-велосипедски патеки од двете страни на кејот на реката Вардар, со вкупна должина од над 10 километри.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2017 16:31