Унапредување на техничко-технолошките капацитети на компаниите е предуслов за развој на нови и постоечки производи се со цел зголемување на нивната конкурентност, извоз како и освојување на нови пазари, беше истакнато на денешната прес конференција на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК).
Г. Богослав Ангелоски, член на Управен одбор на ССК со искуство во областа на машинството и индустријата рече дека услов да се постигне тоа е полесен пристап до финансиски средства во насока на обновување на машини со современа и висока технолошка вредност заради добивање на краен производ со поголема додадена вредност.
„За поголем развој на индустриското производството и финализирање на производи со поголема додадена вредност, потребен е економски план за развој, а врз основа на истиот да се изработи стратегија за извоз на македонски производи на странските пазари во контекст на принципите на ЦЕФТА и Светската трговска организација. Паралелно како континуиран процес треба да се посвети внимание на креативноста, мотивацијата и квалитетните иновативни придобивки, кои ќе влијаат на зголемување на претприемачкиот дух кај домашните компании како двигатели на севкупниот економски развој“, изјави Ангелоски.
Тој додаде дека од посетите на саемските манифестации и бизнис форумите годинава во најзначајните светски економски центри во Европа и Азија како Германија, Италија, Јапонија, Кина, очигледен е трендот на нужната потреба од следење на техничко технолошкиот развој.
„Особено е важно е да ги следиме сите релевантни европски и светски трендови во областа на индустријата, како иновациите, новите технологии и новите компании кои се присутни на пазарите. Имплементирањето на трендовите е во насока на понуда на врвни производи со квалитет и услуга кои ќе бидат конкурентни како на домашниот така и на странските пазари. Иновативноста во развивање нови производи и технолошкиот напредок, како и инвестиции во технологијата и знаењето е тренд кој треба да се следи. Крајната цел е македонските компании да станат дел од интегрираниот глобален светски пазар, изјави Ангелоски.
Тој нагласи, дека е потребна поактивна соработка со високите и стручни образовни институции со цел теоријата и праксата да се преточат во знаење, што ќе продуцираат висока продуктивност, рентабилност и економичност во работењето на компаниите.
„За компаниите покрај искусен кадар потребен е и свеж кадар кој ќе придонесува за развој на новите технологии. Ваквата соработка значи чекор понатаму во создавањто генерации млади луѓе подготвени да се справат со предизвиците на современото бизнис опкружување.
Заедничкото делување на образованието и бизнисот треба да имаат за цел надоградување на стекнатото знаење преку практични примери од секојдневното работење. Младите студенти кои понатаму ќе бидат дел од пазарот на труд, треба да имаат навремена подготовка за успешно интегрирање. На тој начин ќе можеме да градиме современи и економски силни компании “, рече Ангелоски.
На годишно ниво, според податоците на Државниот завод за статистика индустриското производство во периодот јануари – декември 2016 година, во однос на периодот јануари – декември 2015 година, е зголемено за 3,4%.
„Доколку сакаме да се приклучиме кон земијите со висок технички технолошки развој потребно е минималниот процент на раст да изнесува од 7 до 9 % на годишно ниво и таквиот тренд да се одржува во континуитет од 5 до 10 години“, додаде Ангелоски