6 години после фудбалскиот скандал и преселбата на Милан во втората лига, речиси и никој да не се надеваше дека овој клуб воопшто ќе опстои и ќе се врати на старите шампионски патеки.
Но така не мислеше, едниот и единствен Силвио Берлускони.
20 февруари 1986. Преговорите за продажбата на Росоњерите успешно завршија и од овој ден, нов Претседател на клубот од Милано стана тогаш 50 годишниот Италијански бизнисмен Берлускони.
Првиот чекор на El presidente беше именувањето на Ариго Саки за тренер на Милан. Кога стана тој претседател, не штедеше и не жалеше на своите пари и за многу кратко време направи европски дрим – тим од Миланезите. По именувањето на Саки како тренер на Милан, Берлускони одлучи во своите редови да го донесе холандското трио Гулит – Ван Бастен – Рајкард, кое помогнато од Италијанските репрезентативци Паоло Малдини, Франко Барези, Александро Костакурта и Роберто Донадони за само една година под претседателството на Берлускони го освои првото Скудето во Италијанската лига по пауза од 10 години.
Почетокот на ерата на Берлускони во Милан наговести дека од росоњерите ќе направи фудбалски гигант кој долго ќе се памети во историјата. Потврдата за такво нешто дојде веќе во наредната сезона по освојувањето на Скудетото, кога станаа Европски шампиони совладувајќи го тимот на Стеауа во финалето на лигата на шампионите со резултат 4:0.
Една година подоцна Милан ја задржа европската титула во свои раце победувајќи ја Бенфика во финалето со 1:0 и со тоа стана последниот тим во Лигата на шампионите (денешен формат) кој успеал да ја освои титулата два пати едно по друго.
Реномираното спортско списание World Soccer му го додели престижното признание најдобар клуб на сите времиња на тимот кој настапуваше за росоњерите во сезоната 1989-1990.
Под палката на Силвио Берлускони Милан во својот фудбалски музеј донесе 30 официјални трофеи кои ги освои во Калчо лигата, Италијанскиот куп и европските натпреварувања.
Ерата на Силвио Берлускони заврши вчера на 13.04.2017 година, по долгите преговори со кинескиот конзорциум на чело со Јингхонг Ли.
По комплетирањето на продажбата на акциите на Милан на „Rossoneri Sport Investment Lux“, групацијата сега поседува 99.93% од вкупната сопственост на клубот.
Визијата на новите кинески сопственици е да го врати тимот на Милан на старите патеки, кој по заминувањето на Берлускони од премиерската функција на Италија забележа значителен пад во фудбалските успеси.
Првиот натпревар под водство на кинеските сопственици Росоњерите ќе го играат против својот најголем градски ривал Интер кој исто така е во сопственост на Кинези.
Интересно, за прв пат во помодерната историја на италијанските дерби натпревари, Милан и Интер ќе ги одмерат силите во сабота и тоа во попладневен термин од 12:30 часот.
Невообичаениот термин за одигрување на натпреварот е по барање на сопствениците на Милан и Интер, за да може истиот да биде пренесуван на тв станиците во Кина во попладневен термин (Кинеско време 18:30).
Во продолжение погледнете неколку видеа од успесите на Берлускони во Милан.