Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) во соработка со Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ), до крајот на месец мај ќе спроведат три едукативни обуки за компаниите подетално да се запознаат со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и да ги искористат придобивките од истиот.

„Од досегашната примена на политиките за вработување во согласност со Oперативните планови за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот на локално и национално ниво создадени се повеќе можности за компаниите во насока на зголемување на капацитетот и квалитетот на своите вработени. Позитивниот ефект од овие мерки се согледува преку фактот што се намалуваат давачките за компаниите и се стимулира нивниот раст и развој, а од друга страна се намалува и невработеноста, а се креираат услови за отворање на нови работни места. Вработувањата во приватниот сектор треба да бидат основа за економски напредок, затоа повеќето активности треба да се насочат кон зголемување на конкурентноста и развој на приватниот сектор кој ќе генерира нови вработувања“, изјави г. Александар Зарков, извршен директор на Сојуз на стопански комори на Македонија.

г-ѓа Слободанка Алексовска, директор на Центарот за вработување Скопје, истакна дека компаниите се повеќе ги користат мерките бидејќи ефектите се евидентни, преку нив околу 43 илјади лица се вработени од 2007 година до сега, а за годинава се планирани уште нови 10 илјади.

„Целта е заедно со Сојуз на стопански комори на Македонија, преку заедничките едукативни сесии компаниите детално да се запознаат со можностите од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување. Исто така, ќе имаме заедничка можност да ги идентификуваме предизвиците и потребите на бизнис заедницата во оваа насока. Наша основна задача е преку намалените трошоци на компаниите, мерките да ги мотивираат работодавачите да го зголемат бројот на нивниот кадар и да овозможат развој на компаниите. Во моментот отворени се повици за повеќе од активните мерки за кои компаниите може да се информираа во центрите за вработување во нашата земја“, изјави Алексовска.

Во претстојниот периoд компаниите преку Сојуз на стопански комори на Македонина ќе бидат информирани за едукативните обуки на кои ќе имаат можност покрај запознавање со актуелните мерки да разменат искуства и да дискутираа за состојбата на пазарот на трудот и реалните потреби на бизнис секторот.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/04/2017 13:07