Тимскиот автобус на Борусија од Дортмунд од хотелот во Монако тргнал со задоцнување од 20 минути, а почетокот на четврт-финалниот натпревар во Лигата на шампионите доцнеше пет минути.

Томас Тухел, тренерот на „милионерите“, изјави дека е незадоволен од овој факт и дека нема разбирање за однесувањето на полицијата на Монако. Автобусот на Борусија вчера беше задржан 20 минути подолго пред хотелот, а полицијата не му даде на тимот објаснување поради што презема такви мерки.

„Не знаевме што се случува. Поради тие 20 минути повеќе не можевме да мислиме само на фудбалот, иако добро се подготвивме за натпреварот“, изјави Тухел опишувајќи го непријатното чувство што го имал за време на одложувањето на времето за тргнување кон стадионот.

Тухел го критикуваше и однесувањето на обезбедувањето во Монако, бидејќи само пред осум дена му се случи бомбашки напад на тимскиот автобус во Дортмунд.

„Внимателно формулирано, нивното однесување беше многу несреќно“, изјави тренерот на Борусија.

Борусија првиот натпревар од четврт-финалето на Лигата на шампионите го одигра за помалку од 24 часа по извршениот напад на тимскиот автобус.

Тогаш Марк Батра се здоби со сериозна повреда на раката, но сепак беше со екипата во Монако.

Францускиот тим со вкупен резултат од 6-3 се пласира во полуфиналето на Лигата на шампионите.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/04/2017 13:04