Цената на струјата нема да се зголеми и покрај тоа што на почетокот на годината ЕЛЕМ купи скапа струја, одговори генералниот директор на компанијата, Христијан Мицкoски, на новинарско прашање при посетата на РЕК Битола.
– Струја извезовме во ноември и во декември, во јануари купивме скапа струја, потоа ја набавивме евтино. Ќе се обидеме да купиме евтина струја до јуни, кога ќе заврши оваа регулирана година – вели Мицкоски.
Загубата на струја, според него, ќе се надомести со зголеменото производство на електрична енергија за 10 отсто во првиот квартал на годината во однос на истиот период лани и со намалената цена на увезената енергија во март и во април. Исто така, од ЕЛЕМ велат дека во овој момент се во поволна финансиска кондиција.
– Продолжуваме да произведуваме согласно потребите на регулираниот пазар. Ако реализираме вишоци на енергија, ќе ја пласираме на слободниот пазар. Битно е да обезбедиме пари кои ќе ги вложиме во развојни проекти – додаде Мицкоски.
Ако пазарот на струја беше либерализиран, цената на електричната енергија, според Мицкоски, ќе беше за 25 отсто повисока. Во 2020 година се очекува либерализирање на пазарот и тогаш цената може да биде повисока и повеќе од 25 отсто.
– Либерализацијата ќе значи за оние кои ќе сакаат да излезат на слободниот пазар. Граѓаните, претпоставувам, нема да сакаат да излезат на тој пазар и ќе останат на регулираниот пазар, па ќе продаваме електрична енергија по регулирана цена. И сега е така кај компаниите. Не сите компании се на слободниот пазар, како што е, на пример, АД ЕЛЕМ, која во моментов е на регулиран пазар – изјави Мицкоски.