На ВИП тениските терени во спортскиот центар „Борис Трајковски“ денеска се одржа вториот бесплатен час по тенис на кој сите заинтересирани лица на возраст од 6 до 18-годишна возраст имаа можност да се запознаат со основните вештини на овој спорт.
На отворениот час насловен како „Ајде да играме тенис“ присуствуваа двајца професионални тренери кои на присутните им го презентираа овој спорт.
– Како раководство на Спортскиот центар позитивно сме изненадени од големата заинтересираност и одѕивот од страна на граѓаните, поточно од младите вљубеници во тенисот. Нашата цел е што повеќе млади луѓе да ги насочиме кон спортот и здравиот начин на живот. Младите учесници денес се покажаа како големи спортски ентузијасти без разлика што повеќето се почетни рекреативци, и искрено веруваме дека во некој од нив ќе се пробуди интересот за да продолжи да се занимава со овој популарен спорт, изјави Јане Мицевски, раководител на секторот продажба при СЦ „Борис Трајковски“.
„Ајде да играме тенис“ е дел од Оперативниот план на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за 2017-та година. / МИА.