Владата на вонредната седница одлучи да се формираат комисии за испитување на штетите настанати кај овошните и лозовите насади од ниските температури и мразот. Тие ќе излезат на терен и ќе направат записници за штетите.
Како што информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, формирана е и комисија од повеќе институции која треба да утврди методолгија по која ќе се изврши исплаќање на штетите.
– Изминатите две вечери температурите се спуштаа и до минус седум степени и може да се заклучи дека штетите кај овошните и лозовите насади се доста големи. Земјоделците треба да бидат безгрижни и сигурни дека ќе ги обештетиме, имајќи во предвид дека и во изминатите години сме имале вакви штети. Ќе најдеме начин и пари да ги обештетиме, изјави министерот Цветков по седницата на Владата.
Тој посочи дека согласно законот штетите се исплаќаат до 100 отсто и не е стриктно утврдено колкав ќе биде процентот на исплата.
– Висината на исплатената штета ќе зависи од големината на оштетувањата, од вкупната сума која ќе треба да се обештети и согласно средствата со кои располага Министерството во нашите програми. Процентот не може да се одреди веднаш, туку ќе го одредиме согласно штетата и согласно парите со кои располагаме, прецизира Цветков.
Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски рече дека од денеска направениот увид на терен може да се согледа дека неспецифичните временски услови и мразот предизвикаа штети врз јаболковите насади во Преспанскиот регион, но и во сите останати региони во Македонија со исклучок на една или две општини во јужниот дел.
– Комисиите кои се формирани вечерва утре ќе бидат на терен и ќе се направат итни и првични анализи и процени на настанатата штета од мразот. Согласно првичните процени и воспостановената методологија ќе се утврди на кој начин ќе се одреди износот и вредноста на штетата, изјави Костадиновски.
Тој истакна дека од 2012 година Владата субвенционира 60 отсто од износот на полисата за осигурување од ризици во земјоделството и додаде дека рапидно е зголемен бројот на замјоделците кои ја користат таа мерка.
– Во последните години неповолните временски прилики и климатските промени кои се карактеристични за Република Македонија поттикна се повеќе земјоделци да ја користат оваа мерка. Но, сепак може да кажам дека се уште не е на задоволително ниво. Поучени од неспецифичните временски услови и временските неприлики сметам дека земјоделците од година на година ќе почне помасовно да ја користат оваа мерка, рече Костадиновски.
На вечерашната седница на Владата беа присутни и повеќе градоначалници од општините каде има најголеми штети на насадите.