Со нов грант од Европската унија ќе се унапредуваат вештините за вработување на младите лица. Преку Агенцијата за вработување ќе се организираат обуки кои ќе бидат наменети за лица до 29 години, со крајна цел да најдат вработување. Вредноста на грантот е 1,454 милиони евра, а ќе се реализира до 1 декември 2017 година. Ова е трет грант и е насочен кон зголемување на компетенциите, знаењата и вештините на младите невраоботени лица.

Договорот за реализација на овој трет грант го потпишува Агенцијата за вработување. Директорот на Агенцијата Влатко Попоски информира дека досега имаат објавено неколку огласи за мерките што се содржани во грантот финансиран од ЕУ и е наменет за поддршка на вработувањето на мнлади лица до 29 години.

– Во овој трет грант поддржуваме мерки за подигнување на капацитетите на невработените лица за вработување, како што е практиканство за прво работно искуство, напредни ИТ вештини. Потоа потребни вештини во делот на пазарот на трудот каде што објавивме огласи за четири вештини каде ќе дадеме можност за да сменат вештина и да научат нешто ново. Потоа лична обука на 1.400 лица за барање работа, за мотивација при барање работи и за претприемништво каде ќе бидат обучени 950 млади лица за претприемништво и ќе им се помогне да изработат бизнис план кој ќе може да го употребат во делот на грант за самовработување, комерцијален кредит кај банките… Се со цел да им помогнеме да создадат навики, знаења, вештини, можности и да не бидат невработени, изјави Поповски на конференцијата по повод започнувањето на ИПА проектот „Поддршка за вработување млади лица“.

Тој додаде дека во овој период до 1 декември 2017 година ќе се обидат максимално да ги мотивираат младите лица да учествуваат и на крајот да бидат успешно вработени.

Потенцира дека овие обуки се дел од поголемиот број обуки што ги спроведува Агенцијата. Овие, појасни, се во едукативни центри, а се вршат обуки и во простории на работодавачи, каде што во период од три месеци имаат можност да стекнат знаење и потоа да се одлучат кој да задржат на работа.

Според Поповски со Министерството за образование и наука ќе работат на решавање на проблемот со недостаток на квалификуван кадар на пазарот на труд.

– На долг рок мора да ги мотивираме младите и да им докажеме дека има соодветно работно место со соодветна плата што ќе го добие доколку има завршено некој од тие образовни профили. Во континуитет соработуваме со МОН и огласот за средно образование за следната учебна година е во таа насока со форсирање на техничките науки, рече Поповски и додаде дека можеби и од компаниите треба да добијат слика младите за тоа што ги очекува доколку имаат соодветен профил за нив.

Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ во Скопје потенцира дека досега ЕУ има инвестирано вкупно 5 милиони евра и оти резултатот е вработување на 60 проценти од посетителите на обуките.

– Стапката од 45 проценти на невработеност кај младите претставува високо ниво и сите ние треба да работиме да ја намалиме оваа стапка, рече Бертолини, додавајќи дека според неговите пресметки едно работно место за еден млад човек може да се отвори за помалку од 500 евра и тоа е прифатливо.

Одговарајќи на новинарско прашање дали продолжувањето на политичката криза може да влијае на кратење на европските фондови за Македонија, Бертолини рече дека постои можност за кратење, но се надева дека тоа нема да се случи.

– Постои можност за кратење на фонодовите, бидејќи оваа политичка криза на која што не и се гледа крајот во догледно време ја враќа земјата назад во однос на пристапот во ЕУ така што може да се очекуваат одредени кратења на фондови и средства, изјави Бертолини.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2017 00:07