Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, лекови, вакцини за животни, цигари, мотор за патничко моторно возило, монитор, облека и чаеви.

Девизи

– 4.000 швајцарски франци, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на македонски државјанин кој допатувал со лет од Цирих. Во паричникот на патникот биле пронајдени непријавени вкупно 15.000 швајцарски франци. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 11.000 швајцарски франци, износ што резидент може слободно да го внесе во државата, а за сторениот прекршок е поведена прекршочна постапка. – 3.000 евра, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, кој бил придружуван од двајца сопатници, исто така македонски државјани, пријавени за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во предниот дел од рачна ташничка која на себе ја носел еден од сопатниците, се пронајдени непријавени вкупно 5.000 евра. Согласно законските прописи, на сопатникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок е поведена прекршочна постапка.

Лекови за луѓе и вакцини за животни

– 489 пакувања разни видови на лекови (DEPAKIN 200 mg/ml, CRINONE 90 mg, COSOPOT 5 ml, MUSCOFLEX 4 mg и CLEXANE 4000 ANTI-XA IU 0,4 ml), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на автобус со турски регистарски ознаки, кој сообраќал на редовната линија Истанбул-Тетово, управуван од босански државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените лекови, сопственост на возачот, се пронајдени во горниот лев вентилационен простор на автобусот и истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка. – 450 дози вакцини за животни (овци) од видовите ENZOVAX, GALAZEL и OVIPAST и 1 шприц за инјектирање на вакцините, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на автомобил со македонски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените вакцини, пронајдени во фабричките шуплини под возачкото и совозачкото седиште, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

Цигари

– 54 штеки цигари од марките MARLBORO RED, MARLBORO GOLD, RODEO BLUE и BOSS GOLD, со македонски акцизни маркички, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на куферот на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Брисел. Непријавените цигари се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Мотор за патничко моторно возило

– 1 употребуван мотор за патничко моторно возило марка OPEL CORSA, откриен при детална контрола на автомобил со германски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавениот мотор, пронајден во багажот на друг македонски државјанин, сопатник во возилото, се привремено задржани, а против ова лице е поведена соодветна постапка.

Техничка стока

– 1 монитор марка DRAGER PM 8060 VITARA, откриен на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на куферот на турски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавениот монитор е привремено задржан, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Облека

– 100 парчиња маици, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените маици, пронајдени во пакет покриен со кебиња, сместен зад возачкото седиште од возачката кабина, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

Останато

– 160 пакувања со природни чаеви од 10 различни вида, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, кој бил придружуван од двајца сопатници, исто така македонски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Јажинце. Непријавените производи, пронајдени во просторот пред задните седишта, како и на самите задни седишта, се привремено задржани, а против еден од сопатниците е поведена прекршочна постапка.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2017 00:51