Македонскиот денар беше воведен на 26-ти април 1992-ра година. Република Македонија монетарно се осамостои точно на големиот христијански празник Велигден 1992 година.

Печатењето на првите македонски пари почна на 15-ти јануари 1992 година во прилепската печатница „11 Октомври“.

„На 15 јануари 1992 година во печатницата во Прилеп ’11 Октомври‘ се’ беше готово да се почне со печатење на првите македонски пари во вид на вредносни бонови. Тоа требаше да се реализира на машина најсоодветна за тоа, со која работеа двајца работници, брачен пар. Во салата се чувствуваше свечена атмосфера и тишина. Кога беа направени сите подготовки, нумераторот на машината поставен на нула, а обичната хартија заменета со специјална, околу 11 часот почна печатењето. Кога го видов првиот табак со лицето на 24 банкноти, почувствував како очите ми се полнат со солзи. Со намера да ја скријам својата слабост, се свртев кон прозорецот, бришејќи си ги незабележливо очите. Кога малку се созедов, се завртев повторно кон машината која непрекинато го печатеше лицето на банкнотата, по 24 примероци на секој табак, видов дека и очите на брачните сопружници што работеа на машината беа полни со солзи. И не само нивните, солзи радосници имаше на очите на сите што беа сведоци во тој миг на овој историски чин кога почна печатењето на првите македонски пари“.

Ова го напишал во своја статија Борко Станоевски, првиот гувернер на Народна банка на Македонија.

Во Ликовната галерија на НЛБ банка АД Скопје вечер ќе биде отворена изложба по повод 25 години од монетарното осамостојување на Република Македонија.

Изложбата е организирана од Народната банка на Република Македонија во соработка со Народниот музеј на Словенија и ќе ја отворат гувернерот на НБРМ Димитар Богов и амбасадорот на Словенија во Македонија, Милан Јазбец.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2017 12:40