Тоа што се случува во Македонија не е повеќе само македонски проблем, туку е проблем на сите нас што живееме тука, изјави српскиот премиер, кој е избран за претседател, Александар Вучиќ и апелираше до граѓаните на Македонија да ги решаваат проблемите на мирен начин.
На прашањето на „Танјуг“, како гледа на тоа што се случува во Македонија и што би била неговата порака до граѓаните на Македонија, Вучиќ одговори:
– Како претседател на Владата на Србија и како избран претседател на Република Србија секогаш сум правел сѐ за одржување на најдобри односи меѓу Белград и Скопје, меѓу Србија и Македонија. Мислам дека граѓаните на Македонија добро го знаат тоа и дека го почитуваат начинот на кој Република Србија се однесува кон граѓаните на Македонија, а и кон самата земја. Многу сум загрижен поради синоќешните случувања и мојата единствена порака е, а мислам дека луѓето во Македонија добро знаат дека тоа доаѓа од нивни искрен пријател, да ги замолам сите проблеми и несогласувања да ги решаваат на мирен начин, и ако имам какво било право да кажам дека смирувањето на ситуацијата сосема сигурно е во најголем интерес и за Македонија и за нејзините граѓани, а сите други работи и сите други проблеми можат да се решаваат на преговарачката маса, на мирен начин, во мирна атмосфера – нагласи Вучиќ.
Тој истакна дека, „ова веќе не е само македонски проблем, туку станува проблем и на сите нас кои живееме тука и најдобро е веднаш да ги прекинеме сите проблеми и да обезбедиме мир и стабилност за нашите деца“.
– И поради тоа ги замолувам сите во Македонија, тие што ми се познајници и пријатели, но и тие што не ги познавам, оваа порака да ја сфатат како добронамерна и да направат сѐ за повторно да завладее мир и безбедност за сите граѓани на Македонија, а во Србија секогаш ќе имате искрен и посветен пријател – заклучи новоизбраниот српски претседател.
Вучиќ, случувањата во Србија ги следеше со своите соработници од Владата на Србија, а за денеска закажа седница на Бирото за координација на безбедносните служби.