Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов настојува за наоѓање на политичко решение за ситуацијата во Македонија, изразувајќи загриженост поради случувањата во соседната земја.

– Македонија како држава е од суштинско значење и за Бугарија да го зачува суверенитетот и интегритетот и да продолжи по патот на евроатланските интеграции. Не е убаво на нашата граница да има таква нестабилност, изјави Борисов на прес-конференција во Парламентот.

Тој нагласи дека ги искористил своите лични контакти да им пренесе на политичарите во Скопје дека при вакви тензични ситуации се поднесува оставка, како што тоа е направено во Бугарија, Италија и Велика Британија.

Претседателот на ГЕРБ и кандидат за премиер на Бугарија синоќа телефонски разговарал со шефот на македонската држава Ѓорге Иванов, со лидерот на СДСМ Зоран Заев и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

– Многу внимателно, без никакво мешање во внатрешните работи, побарав од сите да најдат политичко решение за неколкугодишната криза. Чувствата на лидерите на партиите треба да останат на второ место, омразата е голема, истакна Борисов.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2017 15:00