Шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати, потврди дека Албанија ја поддржала платформата на политичките партии на Албанците во Македонија и оцени дека политичката ситуација во Македонија, за среќа се уште не е премината во меѓуетничка криза.

– Ние ја поддржавме таа платформа на албанскиот политички фактор во Македонија како обид за да се спроведе нереализираниот Охридски договор, за да се отвори евроатланскиот пат на Македонија и како трето да се создаде подобра клима со нејзините соседи. Се уште не сме во услови да се зборува за меѓуетничка криза и се надеваме дека нема да оди во таа насока, изјави Бушати на гостувањето синоќа во емисијата „ТОП стори“ на тиранската телевизија Топ чанел.

Тој додаде дека платформата на партиите на Албанците била употребена како алиби од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Иванов, но вознемиреноста била на друго место. Според него, немало никакви препораки од меѓународните партнери, ниту пак „некаква преференца на партиите на Албанците за формирање сојуз со СДСМ“. Според него и со оваа коалиција, за целосна реализација на платформата ќе биде потребно разбирање од целокупниот македонски фактор.

– Еден добар дел од прашањата кои се опфатени во платформата не може да се реализираат доколку нема разбирање од македонскиот фактор во целина. Во дел од прашањата потребни се уставни измени, за што е потребно двотретинско мнозинство од гласовите во Парламентот а новосоздаденото мнозинство ги нема, констатира албанскиот министер за надворешни работи, Дитмир Бушати.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2017 13:15