Србите се најголеми и најдобри пријатели на Македонија, а вака како што Заев настапи не се однесуваат пријателите на Србија, изјавил Дачиќ реагирајќи на изјавата на Заев дадена во интервју за српски Курир, дека во Србија на власт е „националистичко раководство“.

„Не знам со што Александар Вучиќ и владата на Србија заслужија ваков брутален и скандалозен напад од страна на претендентот за местото македонски премиер Зоран Заев. Зарем не му се доста проблемите кои ги има во Скопје, па сега ги бара и во Белград?“, запраша Дачиќ.

Потсети дека Вучиќ со денови и месеци повикувал на мирно решение на проблемот во Македонија, немешајќи се во внатрешните работи, бидејќи тоа можело да предизвика нестабилност во целиот регион.

„Зошто Заев не ги напаѓа Рама и Тачи, туку Вучиќ? Не е тој толку наивен за да не знае дека концептот на Голема Албанија не е комплетен без Скопје“, навел Дачиќ во писмената изјава испратена до агенцијата Танјуг.

Според неговите зборови, како што македонските граѓани имале право на слободен избор на свое раководство, нема ни многу посилни земји од Македонија да одредуваат кого ќе изберат граѓаните на Србија, и како што нагласува Дачиќ, на тоа не можат да влијаат ниту многу поголеми лидери од Заев.

„Србија кон Македонија беше искрена, ја призна под уставното име, иако поради тоа имаше проблеми со Грција. Ниту еден збор не изговори со што би се вмешала во нејзините внатрешни работи, а Македонија го призна Косово, гласаше против Србија во УНЕСКО и сега кандидат за премиер брутално го навредува раководството на Србија и убедливо избраниот претседател Вучиќ. Сега само уште фали да се изгласа резолуцијата за српскиот геноцид врз Албанците“, вели Дачиќ.

Заев во вторникот во интервјуто за српки Курир изјави дека во Србија на власт е „националиситчкото раководство“ на Александар Вучиќ. Додаде дека Вучиќ себеси се декларирал како лидер во регионот, а своите националистички позиции би ги покажал веднаш кога ќе му „била загрозена политичката кариера“.

На ваквата изјава на Заев реагираше претодно и српскиот министер Александар Вулин, кој запраша дали „Заев сам го смислил нападот врз Вучиќ, или тоа му го рекле Рама, Тачи или Џафери?“.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2017 11:11