Илјадници демонстранти се собраа денеска во главниот град на Алжир, во знак на протест против актуелниот претседател Абделазиз Бутефлика, кој планира да го продолжи своето 20-годишно владеење на наредните избори.
Шпанија планира да одобри престој за 400 илјади Британци во случај на „тврд” Брегзит, објави денеска весникот „Ел паис”. Планот предвидува дека таа мерка би важела доколку се применуваат исти одредби на Шпанците кои живеат и работат во Велика Британија.
Индија ја забрани Џамаат-е Ислами, најголемата политичка и религиозна група во индискиот дел на Кашмир во рамки на акцијата против активистите, кои бараат крај на индиското владеење во тој спорен регион, а среде најтешкиот конфликт помеѓу Индија и Пакистан во текот на две децении.
Повеќе од 30 жени и деца, припадници на муслиманското национално малцинство Рохинџи од Мјанмар денеска се пронајдени на плажа во северниот дел на Малезија. Се верува дека таму ги оставиле криумчарите со луѓе.
Инфлацијата во еврозоната порасна на 1,5 отсто во февруари, а во јануари изнесуваше 1,4 отсто, додека невработеноста останува стабилна со 7,8 отсто, објави Евростат.
Повеќе од петстотини припадници на венецуелските вооружени сили ја напуштија војската и пребегнаа во Колумбила откако на 23 февруари не успеа да влезе хуманитарна помош во земјата на барање на опозицијата, соопшти вчера колумбиската миграциска служба.
Австралиските власти соопштија дека во Пацификот се случува еколошка катастрофа каде се насукал голем брод и почнал да испушта нафта.
Земјотрес со интензитет од 7,1 степени според Рихтеровата скала денеска е регистриран во јужниот дел на Перу, соопшти Американскиот геолошки институт.
Бангладеш вчера му порача на Советот за безбедност на ОН дека повеќе не може да прифаќа бегалци од Мјанмар, речиси 18 месеци откако повеќе од 700.000 муслимани Рохинџи почнаа да бегаат од претежно будистичкиот Мјанмар по акциите на армијата кои иследници на ОН ги окарактеризираа како „етничко чистење“.
САД распишаа награда во износ од милион долари за инфромации што би довеле до откривање и апсење на синот на ликвидираниот лидер на терористичката мрежа Ал Каеда, Осама бин Ладен, Хамза, јави Би-Би-Си, повикувајќи се на неименуван висок американски претставник.