Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози, на некои повисоки места наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонија Пат. Низ целата република дува силен северен ветер. Поради ниските температури наместа е можна појава на голомразица.
Во изминатите петнаесет дена од оваа година дебарската Територијална противпожарна единица имала две, додека лани 109 интервенции.
Општина Валандово, во улога на организатор, на годинашново 34. издание на фестивалот на новосоздадени македонски народни песни „Фолк фест Валандово“, денеска го распиша меѓународниот конкурс на кој до 15. февруари можат да се пријават сите домашни и странски автори.
Владата на Република Македонија донесе одлука за отворање Почесен конзулат на Република Албанија во Република Македонија со седиште во Битола.
Јавноприватно партнерство е една од опциите за подобро функционирање на ски центарот Попова Шапка, но пред да се одлучиме мора да имаме детални информации за моменталната состојба на ски центарот, што е во надлежност на ЕЛЕМ Турс, посочи министерот за економија Крешник Бектеши.
Двете средни училишта во Кочани, „Љупчо Сантов“ и „Гошо Викентиев“, како и зградата на Локалната самоуправа ќе добијат фотоволтаични системи за производство на струја од сончева енергија.
Општина Штип минатата година има спроведено вкупно 68 тендерски постапки, од кои 22 се до пет илјади евра, 27 се над пет илјади евра и 19 се отворени постапки, презентираше на денешната прес-конференција Драган Ристов, лице за односи со јавност во Општина Штип.
Oпштина Куманово и годинава ќе ги поддржи ранливите категории граѓани преку три програми, соопштија денеска одговорните од секторот за социјална, детска и здравствена заштита од општината. Овие програми се усогласуваат со потребите на граѓаните, но ќе бидат во согласност со измените што ги предвидува новиот закон за социјална заштита.
Во рамките на прославата на големиот православен празник Свети Василиј, меѓу народот познат како Стара Нова година, се одржа богата музичка програма и кршење на традиционалната погача со златна паричка, а беа избрани и новите кумови.
Забраната за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Дебар – Струга е укината во 16:15 часот, информираат од ЈП Македонија пат.