Вкупно 19.137 сообраќајни прекршоци биле откриени од полицијата во текот на минатата година во тетовско, информираа од СВР Тетово. Според полициските податоци оваа бројка е за околу 3000 повеќе во однос на 2017-та година.
Од синоќа православните верници се поклонуваат пред моштите на Свети Василиј Велики. Во црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица, во чест на големиот празник Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, традиционално се изложуваат на поклонение дел од моштите на овој светец.
Ване Лазаров од кавадаречкото село Бегниште, на четиригодишна возраст, синоќа прв пат беше маскиран во џоломар. Беше најмлад џоломар на василичарското празнување кое трае и денес.
Последниот извештај од здравствената безбедност на водата за пиење во Гевгелија, направен по извршената анализа на 25. минатиот месец од страна на Институтот за јавно здравје, покажува дека гевгеличани конечно пијат квалитетна и здрава вода од новиот водоснабдителен систем кој беше пуштен во употреба пред два месеца.
Главната карневалска вечер на годинашниов Интернационален струмички карневал ќе се одржи на 9 март, а трите главни карневалски денови се на 8, 9 и 10 март.
Заврши реконструкцијата на фасадата на Основниот суд во Битола, со што неговиот административен простор доби нов современ лик на кој впечатливо е поставена Јустиција, римската божица на правдата.
Водостојот на Треска кај Македонски Брод е за десет пати понизок од просечниот за јануари, на Пчиња кај Катлановска бања речиси за три пати, а на Крива Река кај Крива Паланка за повеќе од двојно, покажуваат последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Со традиционалното василичарско оро и палење на маските на двете друштва Горна и Долна маала во центарот на Вевчани попладнево ќе заврши годинашниот Вевчански карневал.
Минусни температури изутринава има насекаде низ Македонија, а најстудено е во Битола каде што се измерени 18 степени под нулата. Во Тетово е -16, во Прилеп -15, а -12 во Скопје.
Денеска е ден за сатира, за смеење и малку да се пошегуваме за да најдеме некое друго значење на она со што се занимаваме и го правиме секој ден. Ова го истакна министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски пред официјалното отворање на Вевчанскиот карневал.